Македонија Новости Став Топ Вести

Седум жени се носителки на пратенички листи

Во албанскиот политички блок нема ниту една жена носителка на листа, иако на изборите ќе се натпреваруваат два предизборни коалициски блока со по неколку партии.

Од пет коалиции, од кои две големи – на ВМРО-ДПМНЕ со 24 партии и на СДСМ со 15 партии, како и од две партии што самостојно ќе настапат на парламентарните избори на 8 мај, само седум жени се промовирани за носителки на пратеничките листи.
Во албанскиот политички блок, пак, нема ниту една жена носителка на листа, иако на изборите ќе се натпреваруваат два предизборни коалициски блока со по неколку партии.

Иако утре истекува рокот до кога коалициите и партиите треба до Државната изборна комисија (ДИК) да ги достават листите за пратеници со кои ќе учествуваат на парламентарните избори, нема никаква информација дали лидерката на Нова алтернатива и градоначалничка на Скопје Данела Арсовска ќе учествува на изборите, ниту, пак, се познати носителите на пратеничките листи на таа партија.

Најмногу, односно по две носителки на листи, има коалицијата предводена од СДСМ, и тоа Сања Лукаревска во Третата и Славјанка Петровска во Шестата изборна единица, како и коалицијата „Храбро за Македонија“, предводена од ГРОМ, и тоа Добрила Андоновска во „единицата“ и Ружица Николова во „четворката“. По една носителка на листа имаат коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и тоа Дафина Стојаноска во Шестата изборна единица, од ЗНАМ – Весна Бендевска ќе ја предводи листата на „петката“ и од Левица – Јована Мојсоска исто така во Петтата изборна единица.

Таканаречени коносителки

И додека СДСМ присуството на жени-носителки на пратеничките листи го обезбеди со таканаречените коносители, сепак коносителките се втори на листите, како на пример Моника Зајкова, која е веднаш по носителот во „единицата“ лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски. Јована Тренчевска, пак, е во „четворката“, веднаш по Венко Филипче, кој е носител на листата, а Бисера Костадиновска Стојчевска е втора во Петтата изборна единица, веднаш по Јован Митрески.

Специфичност на парламентарните избори 2024 е дека првпат на парламентарни избори сите коалиции и партии ќе имаат листи во сите шест изборни единици. Досега партиите на Албанците, особено ДУИ, номинираше листи за Третата изборна единица, но на претстојните избори и коалицијата Европски фронт, предводена од ДУИ, и коалицијата „Вреди“ на албанската опозиција, на изборите ќе излезат со листи и во „четворката“, односно првпат ќе се натпреваруваат во сите шест изборни единици. Карактеристика, пак, е и дека коалициите во албанскиот блок за носители во „тројката“ и во „четворката“ се неалбанци, односно од помалите заедници, во случајов Турци. „Европскиот фронт“, предводен од Али Ахмети, во „тројката“ ќе истрча со Сулејман Баки од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, во Четвртата – Енвер Хусеин од Демократската партија на Турците на Македонија. Коалицијата „Вреди“ утре ќе ги промовира носителите и кандидатите за пратеници во шесте изборни единици.

На изборите во мај, во изборна битка влегуваат пет коалиции и две партии, освен ако до утре и Нова алтернатива на Данела Арсовска номинира кандидатски листи. Таа при промоцијата на партијата најави дека ќе учествува на парламентарните избори и дека ќе биде носителка на листа.
На изборите излегуваат „Коалицијата за европска иднина“ предводена од СДСМ, коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, коалицијата „Европскиот фронт“, предводена од ДУИ, и коалицијата „Вреди“ на албанската опозиција.
Самостојно на изборите, според досегашните најави, одат ЗНАМ – За наша Македонија и партијата „Левица“.
Коалицијата, предводена од СДСМ, на изборите ќе истрча со носителите Димитар Ковачевски во „единицата“, Оливер Спасовски во „двојката“, во Третата изборна единица носителка е Сања Лукаревска, во Четвртата – Венко Филипче, во „петката“ Јован Митрески и во Шестата – Славјанка Петровска.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, заедно со Коалицијата „Твоја Македонија“, за свои носители ги промовира Христијан Мицкоски во Првата изборна единица, во Втората – Владо Мисајловски, во Третата – Драган Ковачки, во Четвртата – Александар Николовски, во Петтата – Ѓоргија Сајкоски и во Шестата – Дафина Стојановска.
Носители на пратеничките листи на Европскиот фронт, предводен од ДУИ, се Блерим Беџети во „единицата“ во Втората – Садула Дураку, во Третата – Сулејман Баки од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, во Четвртата – Енвер Хусеин од Демократската партија на Турците на Македонија, во Петтата – Зијадин Села и во Шестата изборна единица носител на листата ќе биде претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Носител – поранешен струшки муфтија

Коалицијата „Вреди“ на Демократско движење, Беса, Алтернатива, Алијанса предводена од Арбен Таравари и претставници на косовската „Самоопределување“ во „единицата“ ќе истрча со Изет Меџити, „двојката“ ќе ја предводи Африм Гаши, за Третата и Четвртата изборна единица допрва ќе определат носители, во Петтата – со поранешниот струшки муфтија Салим Сулејмани и во „шестката“ со Билал Касами.
Носител на Првата изборна единица на листите на ЗНАМ – За наша Македонија е Бобан Карапејовски, во Втората – Дамјан Стојчевски, во Третата – Павле Арсовски, во „четворката“ – Миле Цеков, во „петката“ – Весна Бендевска и во Шестата изборна единица – Небојша Захариевски.
Коалицијата „Храбро за Македонија“, во која се ГРОМ, Интегра, ПЦЕР ги одреди Добрила Андоновска за Првата изборна единица, Љупчо Ристовски за „двојката“, Јордан Николов за „тројката“, во Четвртата изборна единица носителка е Ружица Николова, во Петтата – Самка Ибраимоски и во Шестата изборна единица – Зоран Софрески.
Носители на кандидатските листи на Левица се – во Првата изборна единица Димитар Апасиев, во „двојката“ – Амар Мециновиќ, во „тројката“ – Борислав Крмов, во „четворката“ Сашко Јанчев, во „петката“ – Јована Мојсоска и во Шестата изборна единица – Игор Димески.

Партиите, пак, утре, еден ден пред официјалниот почеток на изборната кампања, ќе потпишат Декларација за фер, слободни и демократски избори и против говорот на омраза. Декларацијата ќе ја потпишат претседателите и подмладоците на политичките партии.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *