Мицкоски: Ќе се справиме со бизнисмените што имаат милионски возен парк, а се пријавени на минималец
Бранко Азески порача дека многупати бизнис заедницата била излажана пред изборите и се закани дека е можно и да го пресели капиталот од земјава ако се продолжи така
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со Стопанска комора на Македонија, најави дигитална трансформација и проверка на имотната состојба како дел од сеопфатната борба против криминалот и корупцијата.
–Дигиталната трансформација која ќе биде приоритет на идната влада. Не може да се борите против криминалот и корупцијата, посебно на државно и институционално ниво доколку не воведете своевиден вид на отчетност и транспарентност на работењето на тие институции. Ценам дека преку дигиталната трансформација на општеството ние ќе обезбедиме таков тип на отчетност и транспарентност да може граѓаните да ја следат работата на администрацијата, буквално во секој момент, изјави Мицкоски.
Мицкоски посочи дека денеска за жал многу од процесите кои треба да ги води администрацијата и луѓето кои ја водат, кои често пати се именувани од владата, се длабоко навлезени во сомнежи за сторен криминал и корупција. Затоа, смета тој, ваков тип на отчетност и транспарентност во голема мерка ќе им ги врзе рацете и ќе го намали маневарскиот простор и луѓето кои се дел од таа администрација ќе можат без притисокот од претпоставените да го водат процесот онака како што треба и како што заслужуваат граѓаните.
– Многу е важно да го спроведеме и процесот на проверка на имотната состојба на граѓаните. Јас тука реков ќе почне од мене, се пријавувам како доброволец заедно со моето потесно и пошироко семејство. Тој процес може многу лесно да се спроведе со споредување на неколку бази на податоци, меѓу кои на Катастар, УЈП, Централен регистар и тн. Ако се споредат тие, ќе видиме како бизнисмени со милионски возен парк се пријавени на минималец и се поставува прашањето како тие успеваат да го стекнат тој милионски возен парк или пак имот во недвижнини. Или, како многумина кои во минатото биле дел од политиката станале просечни или натпросечни бизнисмени, тие или нивните семејства, како наеднаш им тргнал бизнисот, како наеднаш илјадакратно го зголемиле својот капитал, потенцираше Мицкоски.






