ДУИ, ДПА, Европска демократска партија и Народно движење денеска во Тетово потпишаа коалициски договор за „Европскиот фронт“ што ќе го предводи Али Ахмети.
Ова е прв пат Ахмети да оди во ваква поширока коалиција на едни парламентарни избори што е директен резултат на обединувањето на албанската опозиција. Договорот го потпишаа претседателите на четирите партии, Али Ахмети, Мендух Тачи, Аријанит Хоџа и Скендер Реџепи-Зејд.
Ахмети на церемонијата изјави дека очекува голема победа, која, наводно, ќе била најголема кај Албанците во Македонија од независноста на држава.
„Ова е вистинскиот момент ние да бидеме заедно во заеднички фронт и овој фронт ќе биде непобедлив и не привремен до реализирање на нашите цели, до членство во ЕУ. Треба да се приклучат и нашите сограѓани Македонци бидејќи не сум видел за иднината на оваа земја поголема одговорност од албанските политички субјекти. Овој фронт не се прави за партиски или лични придобивки, овој фронт се прави за да триумфира во мисии и нашата земја го има местото во ЕУ како што сме во НАТО“, рече Ахмети по потпишувањето на договорот.






