Требаше да зборува 45 минути, но претставувањето на изборната програма од страна на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се оддолжи на речиси час и половина.
„Се надевам дека не бев здодевен“, им се обрати тој на крајот на присутните сопартијци по целодневната сесија, откако ги „бомбардираше“ со многу од 1.198 проекти набележани во предизборната програма „Платформа 1198“, за што повеќепати беше прекинуван од аплаузи.
„Ако ВМРО-ДПМНЕ знае да направи нешто навистина добро тоа е да прави проекти и програми кои ќе бидат најдобриот одговор на реалните проблеми со кои што живеат граѓаните“, рече тој на почетокот. Додавајќи дека тежината на програмата која е направена низ долготраен процес на консултации се состои во даденото ветување дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата си стои на зборот.
„Тие што ме знаат, знаат дека тешко ветувам, но кога тоа ќе се случи ќе направам се тоа да го остварам“, рече Мицксоки.
Мицкоски во своето обраќање рече и дека е дојдено вистинското време, во услови кога треба да се штеди, парламентот да се сведе на 90 пратеници, а во иднина да се исполни барањето на помалите политички партии за една изборна единица.
Меѓу поентите од програмата, тој најави отворање на ново министерство за енергетика рударство и минерални суровини, како и министерство за спорт, при што ќе се трансформира сегашната Агенција за млади и спорт, а секторот млади би се поврзало со ново министерство кое што ќе биде формирано, а ќе биде практично наследник на министерството за труд и социјална политика, а тоа е министерството за социјална политика, демографија и млади. Делот на труд, практично ќе биде поврзано со министерството за економија и труд. Исто така, Мицкоски најави дека туризмот ќе се издвои и ќе биде дел од министерството за култура. Министерството за информатичка технологија и администрација, пак ќе се трансфоримра во министерството за дигитална трансформација.
„Тоа што најмногу интересира граѓаните е намалување на институциите и намалување на луѓето кои имаат и измислени улоги во рамките на тие институции, тоа е укинување на позицијата заменик директор“, рече Мицкоски, при што рече дека ќе се намалат и управните и надзорни одбори и бројот на учесници во нив.






