Притисоците врз судството во Северна Македонија мора да запрат. Судиите мора да носат одлуки засновани на закон – порача денес во своето обраќање на конференцијата на Уставниот суд амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
Според неа, независноста на судството денес е исто толку суштинска, исто толку витална и критички важна како што била секогаш, па повика секој од нас да ја брани бидејќи притисоците врз судиите, дури и во САД, можат да бидат огромни.
„Уставниот суд на Македонија има незаменлива одговорност за заштита на човековите права на македонските граѓани, вклучувајќи ја и слободата на говор и владеење на правото. Секој треба да ја брани независноста на судството.Секој од нашите судови – во САД и овде во Северна Македонија – игра суштинска улога во обезбедувањето добро владеење и транспарентно и правично општество. Секој мора да ја брани судската независност, да биде слеп за политиката и дневното јавно мислење и да се води според принципите содржани во нашите Устави. Судијата на Врховниот суд, Хуго Блек, кој до ден денес се смета за еден од нашите највлијателни судии, еднаш рече: „Нашиот Устав не беше напишан во песок за да го измие секој бран на нови судии што ги дува секој последователен политички ветер“.






