Бислимоски: На сметките за струја ќе има нова ставка – Пристап до мрежа Бислимоски
Пристапот кон мрежа кај домаќинствата ќе биде минимален, три-четири евра месечно. Но, за сметка на тоа ќе се намали мрежарината, вели претседателот на РКЕ
Доколку отчитувачкиот период е од седми до седми во месецот, кога ќе се отчита броилото ќе се постави евтината тарифа и декемвриската фактура ќе трае не до 31 декември, туку до седми јануари
Новата цена на струјата се „крчка“, а веќе наредната недела ќе биде соопштена од страна на Регулаторната комисија за енергетика. Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, открива дека во сметките се подготвува нова ставка, Пристап до мрежа, која ќе биде покрај постојната за мрежарина. Но, како што уверува, тоа нема да ги зголеми сметките, или тоа ќе биде незначително, но истовремено ќе придонесе да се направи правична распределба на трошоците меѓу оние кои редовно ја користат мрежата, од другите кои тоа го прават повремено, како во викендичките, или пак поради тоа што користат сопствено производство на струја од фотоволтаици. Со Бислимоски, разговаравме и за повеќе актуелни прашања, од најгорливото, кога сите граѓани ќе ги почувствуваат придобивките од евтината дневна тарифа, потоа за улогата на РКЕ во формирањето на цената на струјата, за влијанието на бугарската такса на рускиот гас, за отпорот кај дел од стручната јавност во врска со јавно-приватното партнерство за „Чебрен“, како и за инвестициите во батериски системи за складирање електрична енергија.
Во Македонија има околу 600 илјади домаќинства и тие домаќинства не може точно да се отчитаат на 30. односно на 31. во месецот во ист момент. Доколку би можело да се отчитаат тогаш пописот во државата ќе ни го направеше Електродистрибуција и во еден ден ќе влезеа во секое домаќинство во државата. За жал, тоа не е можно. Прво, се прави забуна. И кај нас доаѓаат пораки по електронска пошта за дигиталните броила. Во Македонија, речиси сите броила или околу 99 отсто се дигитални. Но, ако имате дигитално броило тоа не значи дека се отчитува далечински. Граѓаните мислат дека доколку е дигитално, се отчитува далечински што не е точно. Во Македонија има 180 илјади дигитални броила што се отчитуваат далечински. Во наредните три до четири години сите броила ќе бидат со далечинско отчитување и повеќе ќе ја нема приказната дали некое броило е отчитано или не. Во билинг системот кај Електродистрибуција ќе дојде податокот од првиот ден во месецот во 00,01 часот до последниот ден од месецот во 23,59 часот. Сега, за да може сите постојни броила да се отчитаат во месецот, домаќинствата се поделени во четири отчитувачки групи. Како ќе доаѓаат од Електродуистрибуција да ги читаат броилата, така ќе ја менуваат, односно ќе ја поставуваат евтината дневна тарифа. На пример: доколку отчитувачкиот период е од седми до седми во месецот, во декемвриската фактура, кога ќе се отчита броилото, ќе се постави евтината тарифа од седми декември и декемвриската фактура ќе трае не до 31 декември, туку до седми јануари. На секоја сметка стои во која отчитувачка група е домаќинството и кој е пресметковниот период. Така, за декемвриската фактура никој нема да биде оштетен, туку целокупната потрошувачка во периодот од 13 до 15 часот, ќе биде во евтината тарифа. Исто и за отчитувачките групи кои што почнуваат од 14 во месецот, за кои декемвриската фактура ќе биде за период од 14 декември до 14 јануари, а по истата логика и за другите две групи. Така што, нема да биде оштетено ниту едно домаќинство.






