Миле Јанакиески ќе излезе од затвор шест месеци порано, во јуни годинава
На поранешниот министер за транспорт му остануваат уште три месеци затвор пред да биде пуштен на условен отпуст на 17 јуни 2024. Таква одлука донел Апелацискиот суд. Првичната одлука беше со датум од 16 јануари 2025.
„Согласно донесеното решение на Апелацискиот суд – Скопје, одлуката за условен отпуст е преиначена и условниот отпуст за осудениот М.Ј. наместо, како што гласеше првичната одлука, да започне на 16.01.2025 година, ќе започне на 17.06.2024 година, но под услов до истекот на условниот отпуст обвинетиот да не стори ново кривично дело“, се вели во известувањето од Апелацискиот суд.
Ситуацијата со Сашо Мијалков е поинаква. За него дополнително ќе се одлучува во Кривичниот суд.
„Апелацискиот суд – Скопје постапувајќи по жалба на осудениот С.М., а изјавена преку Казнено-поправниот дом од отворен вид – Струга, донесе решение со кое жалбата се уважува, а предметот се укинува и се враќа на повторно постапување и одлучување пред првостепениот суд. Инаку, уважувањето на жалбата на осудениот С.М. доаѓа откако претходно предлогот на директорот на Казнено-поправниот дом Струга за условен отпуст на осудениот беше одбиен како неоснован. Согласно донесеното решение на Апелацискиот суд – Скопје како недозволена ја отфрли жалбата на директорот на Казнено-поправниот дом од отворен вид – Струга“, се вели во соопштението на Апелацискиот суд.






