Македонија Новости Став Топ Вести

Гостивар денеска добива технички исправна вода

По една недела ограничувања и интензивни активности за санација на водоводниот систем, Гостивар денеска се очекува повторно да добие технички исправна вода за користење. Според најавите на премиерот Христијан Мицкоски, последните анализи покажуваат добри резултати по спроведеното хиперхлорирање на водоводната мрежа, а надлежните институции денеска треба да ја потврдат исправноста на водата за техничка употреба.

Говорејќи за состојбата во Гостивар, Мицкоски вчера истакна дека санацијата на системот напредува и оти резултатите од контролите упатуваат на нормализирање на состојбата.

– Екипи од Скопје од Водовод се во Гостивар, работат на хиперхлорирање на инсталациите, резултатите се веќе добри и очекувам да излезе соопштение дека водата е технички исправна за користење. Во рекорден рок од една недела тоа се санираше – изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по увидот во градежните активности на клучката Момин Поток.

Тој нагласи дека Владата ги презела сите мерки што биле во нејзина надлежност, додека за утврдување на евентуална одговорност за случајот постапува Јавното обвинителство.

– Она кое што е политика на Владата е да испорачува и ние така и ќе продолжиме, целосна одговорност и целосна ингеренција за тоа што се случи во Гостивар е лоцирана од страна на ЈО, понатаму тие ќе продолжат да лоцираат доколку е потребна и нова одговорност да биде лоцирана од страна на државата иако тоа не се наши ингеренции – изјави премиерот.

Во однос на критиките од опозицијата, премиерот рече дека Владата останува фокусирана на решавање на проблемите и обезбедување услуги за граѓаните.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *