Претседателот Стево Пендаровски одлучи да не го потпише Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, што Собранието го донесе на седницата одржана на 7 февруари 2024 година.
Одлуката, како што соопштува Пендаровски, е донесена врз основа на детална анализа на текстот на Законот и на постапката во која што овој Закон е донесен, како и по спроведени консултации со Делегацијата на Европската унија во Македонија, како наш најважен партнер во земјата во процесот на преговори.
Претседателот Пендаровски смета дека измените и дополнувањата на законот се донесени преку несоодветна употреба на забрзаната процедура за усогласување на нашето законодавство со правото на Европската унија, популарно позната како „процедура со европско знаменце“, во ситуација на отсуство на суштинско „аки“ (задолжително право на ЕУ) во областите што ги опфаќа овој Закон и фактот дека Законот не наведува дури ни лимитирано „ЕУ аки“ што може да биде релевантно.






