Последниот ден од мултимедијалниот проект „Горчлив шеќер“ завршува со промоција во МСУ

Како означување на последниот ден од самостојниот мултимедијален проект „Горчлив шеќер“ на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ, во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје в петок, на 16 февраури, во 20 часот ќе се одржи промоција на публикацијата и разговор со авторот во друштво на Никола Гелевски и кураторот Владимир Јанчевски.
Ќе стане збор за специфичниот процес на работа и конципирањето на проектот, како и за бројните референци и богатата иконографија, улогата на уметноста денес и нејзината релевантност во нашата современост, прашања кои се присутни во целокупната уметничката работа на Јовановиќ.
По промоцијата ќе следува музичкиот перформанс „Протерани од Рајот“ на Џијан Емин и Георги Шарески, кои ќе настапат во изложбениот простор.
Мултимедијалниот проект на Ѓорѓе Јовановиќ беше отворен на 19 септември 2023 година во рамки на програмата на МСУ-Скопје, побуди голем интерес кај публиката и забележа одлична посетеност. Куратори на проектот се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.
Јовановиќ преку овој проект ја интегрира неговата претходна творечка практика која опфаќа најразновидни изразни форми и медиуми од цртеж и инсталација, до перформативност и интерактивност. Проектот претставува синтеза и надоградување на искуствата на историската авангарда, особено на дадаистичките и надреалистичките интервенции, во обид да ги трансформира и употреби во современиот контекст, обременет со предизвиците на (пост)пандемиска политичка и технолошка реалност.






