Бектеши: Oние кои до сега добивале сметки од 2.000 денари, струјата ќе ја плаќаат помалку
Граѓаните кои до сега добивале сметка за струја од 2.000 денари и во кои половината од износот се однесува на цената на електричната енергија, а другата половина на дистрибутивната мрежа, според новиот начин на пресметка и воведувањето на новата ставка за пристап на мрежа, од Нова година ќе плаќаат помалку отколку до сега. Всушност, помали сметки ќе добиваат сите оние кои имаат редовна потрошувачка во рамките на првите два блока, односно до 630 киловати.
Како што објасни денес на прес конференција Министерот за економија Крешник Бектеши, во потрошувачката на електрична енергија се плаќа и мрежарина по киловат
„Затоа одлуката на РКЕ е намалување на цената на дистрибутивната мрежа, а оние што не користат електрична енергија, а имаат пристап до мрежата ќе плаќаат надоместок за одржување на мрежата. Што значи дека товарот во делот на трошоците за дистрибутивна мрежа ќе паѓа на граѓаните кои имаат вили, два стана, повеќе куќи или граѓани кои не живеат секојдневно во нашата држава“, рече Бектеши, одговарајќи на прашање на новинарите.
Тој објасни дека за граѓаните кои секојдневно користат електрична енергија, износот за дистрибутивна мрежа ќе биде помал, што значи оние кои што се во првиот и во вториот блок ќе плаќаат пониски сметки за електрична енергија, а тие се мнозинството граѓани во нашата држава






