Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ ја отфрли забелешката дека во извештајот на Европската комисија за Македонија има оценка – назадување.
-Јас не видов збор „назадување“ во извештајот, тоа е ваше слободно толкување. Комисијата дава објективен пресек на напредокот, но и на слабостите. Имаме напредок во 80 отсто од поглавјата, а ниту во едно не е нотирано назадување. Општата оценка е добро ниво за 2023 година и е солидна константа веќе неколку години наназад. Во делот на кластерот фундаментални вредности се нотира дека државата испорачува резултати, изјави Маричиќ на заедничката прес конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир.
Иако потврди дека извештајот нотира слабости, неговиот став беше дека тоа ќе биде дополнителен поттик за Владата да ги продолжи реформите. Дека, според него, одговорноста за немањето прогрес во клучните области не е само на власта, тој го аргументираше со фактот дека токму Владата побара од ЕУ да подржи ветинг во сусдството, а неколку месеци наназад да испрати и оценска мисија за состојбите во Судскиот совет, а сега е подготвена да направи се препораките што ќе дојдат од Брисел да се имплементираат. Запрашан најдиректно од новинарите кој е најодговорен за лошите оценки во судството, околу борбата со корупцијата и европското знаменце, Маричиќ го впери прстот во ВМРО-ДПМНЕ.
-Ако треба да определам кој е главен виновник, сигурен сум дека тој може да се лоцира во политичката структура која ја блокира државата веќе 8 години“, рече Маричиќ посочувајќи на блокадата на Преспанскиот договор, па на блокадата на уставните измени и, како што рече, блокадата и за заеми и грантови од ЕУ, при што постоела и наредба низ општините управувани од оваа партија – да не се користат европски пари.
-Не велам дека немаме недостатоци, дополни Маричиќ, но сметаше дека извештајот е добра прилика да се најдат решенија за многу прашања. Според него, изборот на директор на ОТА во Собранието со двотретинско мнозинство и изборот на членовите на новата ДКСК се таква шанса, практично сугерирајќи меѓу редови на евродипломатите и на Гир дека ни наметнуваат услови во процесот што се мачни и тешко остварливи низ нормална процедура, па не критикуваат потоа за политичките пазарења.






