На вчерашната (предновогодишна) средба во Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, на која се сумираа реализираните активности и остварените концерти во 2023 година , воедно беа претставени трите нови аудио изданија – „Историски снимки со дела од историско значење“, авторскиот албум „Од композиторскиот опус на Борис Светиев“, како и аудио прилогот кон списанието „Премин“, со наслов „Црковното пеење од словенско – византиската традиција во Македонија“ во изведба на хорот на Танец.
1. ИСТОРИСКИ СНИМКИ СО ДЕЛА СО ИСТОРИСКО ЗНАЧЕЊЕ
Носачот на звук со историски аудио снимки од архивата на Македонската радио и телевизија е раритетно дискографско издание кое содржи тонски записи на дела на македонските композитори Кирил Македонски, Живко Фирфов, Благоја Ивановски, Ладислав Палфи и Тихомир Карапанчевски. За овие снимки до неодамна не се знаело дека постојат, зашто некои од нив ги немало ниту во пописот на нивните автори, каков што е случајот со снимките на композициите на Живко Фирфов и Ладислав Палфи, кој се јавува и како диригент на Словенечката филхармонија. Уште еден ексклузивитет е и тоа што сите записи главно се направени пред седумдесетина години, на самите почетоци на тонското снимање кај нас. Исто така, сите изведувачи, без исклучок, не се повеќе меѓу нас. Заради сите овие факти, изданието оправдано го носи насловот:„Историски снимки со дела со историско значење“. Инаку, компакт дискот е означен со бројот еден, што навестува дека изданието е само едно од серијата изданија со вакви уникатни снимки од продукцијата на СОКОМ и МИЦ, кои вклучуваат дела со исклучителна важност за нашата културна меморија. Неговото издавање е поддржано од Министерството за култура на РСМ.
2. ОД КОМПОЗИТОРСКИОТ ОПУС – БОРИС СВЕТИЕВ
Дебитантскиот албум на македонскиот композитор Борис Светиев е уште едно издание од едицијата на СОКОМ посветена на авторските опуси на македонските композитори. Содржи седум дела од творештвото на Светиев за разновидни изведувачки состави, односно снимки на композиците: „Квартет за виолина, виолончело, пијано и ударни инструменти“ во изведба на Милена Коловска, Кирил Јосифов, Борис Светиев и Горан Митрев; „FANTASY for S“ за две пијана во изведба на Тамара Коминовска и Иван Трајковски; „Фантазија за пијано“ во изведба на Мерита Реџа Терсана; „Чуден патник“ за глас и пијано“ во изведба на Весна Гиновска-Илкова и Кристина Светиева; „Три минијатури за пијано„ во изведба на Борис Светиев; „Кристална хумореска“ за дувачки квинтет во изведба на Ankara wind quintet; и „Концертни етиди за пијано и симфониски оркестар“ во изведба на Кристина Светиева и Филхармонија, под диригентство на маестро Борјан Цанев. Изданието е заеднички проект на СОКОМ и Балканскиот музички форум, а е поддржано од Министерството за култура на РСМ.
Композиторот и пијанист Борис Светиев е редовен член на Сојузот на композиторите на Македонија од 2012 година. Своето формално музичко образование го оформува на УКИМ, на Факултетот за музичка уметност, каде има дипломирано и магистрирано пијано на Факултетот за музичка уметност на УКИМ, во класата на проф. Тодор Светиев, каде потоа и дипломира и на одделот за композиција во класата на проф. д-р Томе Манчев. Оттогаш, тој настапува и професионално се занимава со пијано педагогијата, но фокусот му е особено насочен кон компонирањето на нови дела, за кои наидува на одличен прием, и кај публиката и кај музичката критика. Бележи бројни настапи на “Деновите на македонска музика”, а за неговата изведувачка и творечка дејност, добива повеќе награди и признанија.
3. ЦРКОВНОТО ПЕЕЊЕ ОД СЛОВЕНСКО – ВИЗАНТИСКАТА ТРАДИЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА
Овој аудио прилог кон списанието „Премин“ – периодична публикација на Струмичката епархија за содржини со православна тематика, е жива снимка на извонредниот целовечерен концерт на хорот на „Танец“, во рамките на овогодишните „Денови на македонска музика“, на кој беа изведени литургиски творби од црковно-музички дејци кои дејствувале на територијата на Македонија. Во овој аудио материјал се наоѓаат композициите на Јоан Хармосин Охридски, Јован Кукузел, Јанаки Стојменович, Андон Шахпаски, Манасиј Поп Тодоров, Васил Иванов – Бојаџиев, Јане Коџабашија и други црковни дејци, кои беа премиерно изведени од хорот на Танец на ДММ, под раководство на м-р Гоце Цоневски, а во стручна соработка со д-р Мирјана Павловска Шулајковска и д-р Јане Коџабашија. Концертот беше одржан во Музејот на македонската револуционерна борба, каде ТАНЕЦ за прв пат во своите 74 години постоење изведе концерт на словенско-византиско пеење, со што ја отслика тесната врска меѓу македонската фолклорна и црковна вокална практика. Овој редок материјал е сведоштво на македонското црковно пеење од периодот од втората половина на деветнаесетиот и почетокот на дваесетиот век, што е особено значаен дел од македонското и светското културно наследство. Оваа снимка е во корелација со обемниот текст посветен на македонското црковно-византиско пеење, објавен во јулскиот број на списанието „Премин“, со кој се ревалоризира и реафирмира уникатниот македонскиот црковно-музички идиом, кој носи уникатни специфики во однос на другите црковно-словенски практики.
Концертот на ТАНЕЦ на ДММ е дел од годишните програми на НУ Танец и СОКОМ, одобрени од Министерството за култура на РСМ, а реализацијата на аудио прилогот кон списанието е резултат на волонтерски ангажман на повеќе личности, а со финсиска помош на Комерцијална банка, долгогодишен поддржувач на списанието „Премин“.






