Македонија Новости Топ Вести

АРСОВСКА НЕ КАЖУВА ДАЛИ ОГЛАСОТ ЗА ПРИВАТНИ ПРЕВОЗНИЦИ Е УСПЕШЕН

Речиси две недели поминаа откако на 27 април требаше да бидат отворени понудите кои евентуално пристигнале на последниот оглас на Град Скопје, на кој по вторпат се бараа превозници на 16 автобуски линии. И исто како што градоначалничката Данела Арсовска премолчи зошто пропадна претходниот оглас, така и овој пат си молчи и не соопштува никаква информација поврзана за овој многу важен проблем за секојдневното функционирање на скопјани.

Иако неколкупати побаравме одговор од Град Скопје и од новата портпаролка Кристина Депо, која градоначалничката официјално ја назначи после речиси две години од нејзиниот мандат, па се очекуваше дека конечно ќе се подобри комуникацијата на градските власти со медиумите, одговори повторно нема. Оттаму не кажуваат ниту колку фирми се пријавија на повикот за трите пакет автобуски линии, ниту дали заврши евалуацијата на понудите, а доколку не е, до кога ќе трае. Нема одговор ниту на прашањето кога би требало автобусите на приватните превозници да се вратат на градските улици доколку овој јавен повик биде успешен.

Градоначалничката и нејзините служби повторно се решени да бидат нетранспарентни кон своите граѓани, кои веќе изгубија секаква надеж дека некогаш ќе имаат нормален јавен превоз и дека веќе нема секое утро да „кинат нерви“ по автобуските стојалишта чекајќи автобус по половина час, а потоа кога конечно ќе пристигне очекуваното возило, да се возат на „една нога“ поради преголемата гужва.

Но, како што стојат работите и судејќи по отсуството на информации не само од Град Скопје туку и од приватниците што најавија дека ќе учествуваат на јавниот повик, скопјани ќе причекаат за нормализација на градскиoт превоз.

Колку за потсетување на последниот јавен оглас, кој беше објавен минатиот месец, исто како и на претходниот, градоначалничката Арсовска и Град Скопје бараа превозници на 16 линии, поделени во три пакети. Во првиот пакет се опфатени линиите со број 23, 45, 61, 63 и 73, за чие опслужување се потребни најмалку 35 автобуси и 76 возачи. Вториот пакет се однесува на превоз на линиите 9, 11, 11А, 12, 47А и 55. За автобусите да можат редовно да сообраќаат на овие релации, потребни се 39 автобуси и 83 возачи. И третиот пакет ги опфаќа линиите 19, 20, 22, 52 и 54, за што се бараат вкупно 41 автобус и 87 возачи.
Тоа се истите линии на кои до протестот на превозниците пред шест месеци возеа приватни автобуси, а оттогаш до денес на нив се распоредени автобусите на ЈСП, што резултираше со сегашната состојба во градскиот превоз – недоволен број и нередовни возила на сите линии.

Во меѓувреме, Арсовска направи три обиди да се „избори“ за набавка на нови автобуси со задолжување од 10 милиони евра во некоја од домашните банки, но беше одбиена од советниците во градскиот Совет. И ЈСП во својата амбициозна Програма за инвестиции годинава испланирало набавка на дури 100 нови автобуси за 65 милиони евра преку субвенции, кои разбирливо ги очекува од Град Скопје.

Бесплатниот  превоз кој градоначалничката им го вети на скопјани во предизборната кампања одамна повеќе не се спомнува. А и логично е прво да се обезбедат доволно автобуси.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *