Нема повисоки плати за судските службеници, одлучи Министерството за финансии
Нема фискален простор за исплата на додатоци на плата за месец јуни, бидејќи согласно прописите од буџетското работење не треба да се преземаат обврски над лимитот од одобрените средства со буџетот. Вакво образложение добил Судскиот совет од Министерството за финансии, а по барањата на судските службеници за повисоки плати, кои подолг период протестираат и бараат покачување на платите.
Сепак, Судскиот совет по негативниот одговор од Министерството за финансии, на денешната седница донел Одлука за необезбедување средства за исплата на додатоци на плата за месец јуни 2023 година за судските службеници, вработените во ССРСМ и во Академијата за судии и јавни обвинители.
„Членовите на Судскиот буџетски совет максимално се заложија да најдат начин согласно закон преку пренамена да обезбедат средства за исплата на додатоци на плата за вработените во судството, имајќи ја во предвид преоптовареноста во работењето на судската администрација, вработените во ССРСМ и Академијата за судии и јавни обвинители, нивните барања односно најавите за штрајк, како и фактот дека правото на додаток на плата е утврдено согласно важечките законски одредби“, се вели во соопштението на Судскиот совет и се додава дека и покрај заложбите, Министерството за финансии не дало согласност за бараните пренамени со цел обезбедување средства за исплата на додатоци на плата.
Членови на Независниот синдикат за судска служба на Македонија минатиот месец излегоа на штрајк бидејќи повеќе месеци не добиле додатоци од 35 отсто на платата. Тие подолг период изразуваат револт од неработењето на Судскиот совет во делот на донесување одлуки што се во согласност со правилникот и во согласност со кој се регулираат додатоците на платата.
Јасмина Величкова, претседател на Независниот синдикат на судската служба, на штрајкот минатата недела рече дека протестираат вработените од сите судови.
„Се нема слух за нашите барања, нема ни 25 проценти додаток на нашите плати, ни ветија дека ќе има додатоци, но само на нив си ги зголемија платите. Нам ни зголемија само 5 проценти и тоа е понижувачки. 25 проценти за вработените во Судскиот совет, за нас само 5, ние сме на маргините, се работи и по две смени за да се прехранат семејствата, ваков Судски совет не знам дали и треба да постои. Од наши средства се двои за плати на функционерите“, рече Величкова, а пренесе „Макфакс“.