Собранието на Беса денеска на состанок едногласно ги избрало кандидатите за членови во новата влада.
„Собранието на Беса одлучи Фатмир Лимани да биде кандидат за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши за министер за економија и труд, додека Седат Сулејмани е кандидат за заменик-министер за култура и туризам“, соопшти партијата на Биљал Касами која е дел од коалицијата „Вреди“.
Лимани порано беше дел од ДУИ и како нејзин партиски кадар беше заменик-директор на ЕЛЕМ. Подоцна се разиде со партијата и ѝ пристапи на Беса. Бесар Дурмиши е претседател на Советот на општина Тетово. Седат Сулејмани претежно работел во приватниот бизнис, а едно време беше заменик-министер за клулура кога министерка беше Ирена Стефоска.
Во соопштението од Беса наведуваат дека на состанокот се разговарало за приоритетите и заложбите на партиските кадри во идната влада при што едногласно било утврдено дека „партиските претставници во Собранието и во извршната власт без компромис ќе се посветат на трите најприоритетни точки од владината програма – борбата против криминалот и корупцијата, реализација и имплементација на условитe за интеграција на земјата во Европската унија и економски развој на државата“.