МВР: Набавен е софтвер од Србија – но не е за шпионажа, туку за дигитална форензика
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска ги отфрли како „невистинити и неосновани“ обвинувањата дека институцијата набавила софтвер за шпионажа и прислушкување. Според официјалното соопштение од Секторот за односи со јавност и протокол, станува збор за обновување на лиценци за дигитална форензичка опрема која веќе над една деценија се користи во рамки на министерството.
МВР појаснува дека се работи за алатки за екстракција и анализа на податоци од мобилни телефони и други електронски уреди, кои се користат исклучиво во истраги спроведувани со судски налози и согласно со законските процедури.
„Овие алатки не овозможуваат и не се користат за прислушкување, туку се дел од стандардната опрема за дигитална форензика која ја користат и други безбедносни институции во светот“, се наведува во демантот.
Министерството потсети дека ист ваков софтвер бил набавен и во 2021 година, за време на мандат на министер од СДСМ, што според нив „ја покажува противречноста на денешните критики од таа партија“.
Од МВР истакнуваат дека набавката е извршена транспарентно, согласно Законот за јавни набавки, и има за цел зајакнување на капацитетите на Одделот за форензички испитувања во борбата против криминалот.
„Апелираме до политичките субјекти да се воздржат од ширење дезинформации кои ја поткопуваат довербата во институциите. Борбата против криминалот мора да биде заеднички приоритет, а не повод за политички конструкции“, се вели во завршницата на соопштението.






