Култура Македонија Новости Топ Вести

Премиера на перформансот „Лиминално тело“ во МКЦ


Во Младинскиот културен центар во Скопје вечер ќе се одржи премиера на перформансот, кој е всушност вториот циклус од танцовиот проект Танц. Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница, реализиран од Битрикс Културен Центар, преку „Платформа Битрикс“, а е поддржан од Swiss Agency for Development and Cooperation (SDC).

Поточно, од 20 јуни до 10 јули во рамките на вториот циклус на проектот, кореографката Ивана Балабанова ја постави новата танцова претстава „Лиминално тело“ заедно со танчарите Сара Цветковска, Дејан Битровски, Илина Костовска, Тереза Лазаров, Стефани Шааршмит (Германија/С. Македонија) и Џун Елис Мах (Германија).

Кореографката Балабанова го користи концептот на лиминалност како почетна точка преку која таа се обидува да ја прикаже емотивната состојба на модерениот човек, човек кој живее на работ, во постојана трансформација, кој бара внатрешна и надворешна транзиција за да преживее. Таа ја анализира „лиминалноста“ како „современа човечка состојба и постулат за денешното постоење. Лиминалното тело повеќе не може органски и физиолошки да ја поднесе хиперпродукцијата на светот и бара нов одговор. За да се спаси од болест, од уништување, не бара да биде вечно, туку да биде неугнетено. Ја бара својата слобода од културните ограничувања, од општественото условување, од капиталистичкото ропство. Притоа, овој концепт еродиран од личниот интерес, се протега и до неговите општествени репрезентации.

Замислено како експериментален перформанс, каде што се игра помеѓу познатото и непознатото, помеѓу очекуваното и неочекуваното, бучава и тишина, хаос и мир, помеѓу густина и динамика на разни текстури. Овој перформанс го разделкува емотивниот спектрум и го поместува срцевиот ритам.

Перформансот на 12 јули ќе гостува во театарот Гнилане во Косово, а на 15 јули во Охридскиот народен театар.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *