Арсовска покажа документ според кој само од едно семејство, Дардишта, се вработени 40 члена во „Комунална хигиена“ – до шестто колено.
Градоначалникот на Град Скопје, Данела Арсовска на прес конференција вечерва му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека е разобличен.
„Разобличен е затоа што со бескрупулозност, за евтини политички поени, сака да креира проблеми за граѓаните кои потоа сака да се претставува дека ги решава и дека ги расчистува. Таквите политичари се најголемото ѓубре кое што овој град го видел и ние вечерва ќе почнеме со чистење на ѓубрето, да ги чистиме и нив“, порача Арсовска.
Според неа причина за протестот се лични интереси а не работнички права.
„Мафијашки структури ја блокираат работата на Комунална хигиена поради лични интереси. Станува збор за лица кои повеќе од 15 лица работеле само една смена – трета смена, спротивно на закон и Колективен договор. Повеќемина од нив не доаѓале на работа, сега дел од нив ја блокираа работата и не дозволуваат останатите 1.300 да ја работат работата. Иако нема најавено штрајк, тие извршија мафијашка блокада“, рече Арсовска.
Во врска со снимката на директорката на „Комунална хигиена“ Косана Мазнева, рече дека била во право кога кажала дека ќе се појават стаорци поради нечистење на отпадот.
„Вчера ниту институциите не ја спречија незаконската блокада. Ова е знак дека ниту правдата не функционира“, додаде Арсовска.
Таа оцени дека „Комунална хигиена“ е веќе во нормала, дека функционира смената и дека се надева од утре ќе работи во целосен капацитет.
„Нема да дозволиме интересите на мафијашите да бидат пред интересите на граѓаните“, рече Арсовска. Потоа покажа документ на кој стоеше презимето Дардишта, како и повеќе имиња, а во делот на функции, стоеја: метач, советник на директор, работник за собирање смет, хигиеничар.
„Од документот можете да видите дека под едно презиме, односно од една фамилија во јавното претпријатие „Комунална хигиена„ е вработено се што му е род до шесто колено. Од една фамилија има над 40 вработувања, а од втора фамилија има над 30 вработувања. И овие мафијаши нема да бидат повеќе толерирани во Градот Скопје“, рече Арсовска.
Според неа, заврши времето кога јавните претпријатија беа третирани како нечија лична приватна сопственост и наместо за интересот на граѓаните работеа во интерес на малкумина.
Инаку, Дардишта се презива и синдикалниот претставник кого директорката Косана Мазнева го избрка во четвртокот. Таа додаде дека се надева оти институциите ќе продолжат да постапуваат и дека никој нема да дозволи на штета на граѓаните, да се случува ова што се случува во моментов со несобирање на сметот и блокирањето на работата.
Мицкоски пак од Бутел ја повика Арсовска да дозволи да се депонира собраното ѓубре, а до градоначалниците на Скопје од СДСМ (тој еден) упати повик да се вклучат во собирањето, иако целиот бран на самоорганизирање тргна токму од градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски. Тие од ДУИ никој не ги споменува, како да во Сарај и Чаир нема проблем со собирањето на сметот.
-Од овде апелирам до надлежните да ги надминат недоразбирањата, да ги надминат сите оние проблеми кои се случуваат и навистина да им дадат услуга на скопјани онаква каква што заслужуваат, бидејќи на крајот од денот тие за ова издвојуваат од скромниот буџет, плаќаат за да можат да добијат хигиена онаква барем каква што треба да има еден главен град во 21-век. Апелирам и до Владата да се вклучи да помогне, исто така апелирам и до останатите градоначалници во Скопје кои не се од редот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да се вклучат и да се вклучат во чистење на овој смет и да можат да го одложат.
Не далеку од Скопје е депонијата „Дрисла“ се надевам дека ќе се наиде на разбирање од надлежните во депонијата „Дрисла“ да се одложи овој смет бидејќи тоа им е потребно во овој момент на скопјани, а акцијата ќе продолжи во текот на целата вечер и се надевам дека утре веќе овој проблем ќе биде надминат и ќе може непречено да се одвива работата и на ЈП „Комунална Хигиена“, но и на останатите општини во Град Скопје, порача Мицкоски. И покрај апелот, градоначалниците на Кисела Вода и Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски и Тимчо Муцунски, одлучија да го истурат ѓубрето пред „Дрисла“, откако не им беше дозволено нивните камиони да влезат внатре во депонијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ потоа порачаа да „се преиспита деловната способност на градоначалничката Данела Арсовска, нека не го измачува Скопје и нека си даде оставка“.
„Ја разбираме специфичната состојба во која се наоѓа Данела Арсовска, иако не ја оправдуваме истата. Веројатно ѓубрето е помалиот дел од проблемот, туку личноста со слични карактеристики на него, која го води градот. Оттука изразуваме сериозен сомнеж за деловната способност на Арсовска да го води градот. Нема претпријатие кое не го упропасти, а последниот случај покажа дека ЈП Комунална хигиена може да работи само во тесна соработка со полицијата на Спасовски“, велат од партијата.