Од денеска престанува да важи одлуката за ограничување на трговските маржи која се однесуваше на основните животни производи: белиот леб, шеќерот, сончогледово масло, брашното од пченица, тип 400 и тип 500, макароните и шпагетите, оризот, трајното кравјо млеко, јајцата, урдата, сирењето, кашкавалот, киселото млеко, павлаката и јогуртот.
Цените, почнувајќи од денеска, ќе ги утврдува пазарот.
Од Министерството за економија, за МИА, соопштуваат дека состојбата се следи и дека засега домашните цени се стабилизирани.
„Со оглед дека на пазарот имаме стабилизирање на домашните цени кои се резултат на стабилизирање на берзанските цени на суровинските компоненти од увоз и цените на електричната енергија, цениме дека по завршување на рокот на примена на Одлуката на трговските маржи, 30 јуни, домашните цени треба да продожат да се утврдуваат според пазарни услови“,велат за од министерството за економија.
Објаснувањето на министертвото е дека долгорочната примена на трговски маржи, во ситуација кога не постои неизвесност на перманентен раст на берзанските цени, може да доведе до спротивен ефект на пазарните услови поради наметнување државна контрола на цените и намалување на конкурентноста кога не сe објективни причинитe за тоа.
Корисниците на регулираниот пазар на електрична енергија во наредните шест месеци ќе ја плаќаат струјата по нова цена што во вторникот ја одреди Регулаторната комисија за енергетика.
РКЕ реши за 7,04 проценти да се намали вкупната цената на електричната енергија во првиот блок со вкалкулирана енергија и мрежарина, во вториот блок ќе биде поевтина за 4,09 проценти, додека во третиот блок ќе има зголемување за 2,54 проценти, а во четвртиот блок цената ќе биде повисока за 2,42 проценти.