Антикорупциска му одговори на Груби, остри критики и од меѓународните организации
Антикорупциска нема капацитет да се вози во службени возила 24/7 и за приватни цели, да злоупотребува државни простории, да користи репрезентација и службени платежни картички, ниту да се расфрла со буџетски пари. Вака ДКСК му врати на вицепремиерот Артан Груби по вчерашните обвинувања дека овој состав немал капацитет.
Оттаму потсетуваат дека четири години Европската Комисија дава позитивни оценки за нивната работа и обвинуваат дека изјавите, како таа на Груби е само притисок врз Комисијата.
– ДКСК е независна институција, со надлежност да постапува по предмети за избрани и именувани функционери. Квалификациите за капацитетите на Комисијата од страна на висок функционер од Владата на РСМ за кој има отворено предмет, не е ништо друго туку вршење притисок врз работата на Комисијата, и оркестриран обид за дефокусирање на јавноста.
Дека изјавата на Груби е обид за притисок врз работата на ДКСК потврдува и претседателката на Транспаренси и поранешна антикорупционерка. Во изјава за Сител, Тасева вели дека треба да се гледаат резултатите.
– Навистина требаше да слушнеме отчет од Владата зошто само 20% од државната стратегија за спречување на корупцијата се имплементирани. А, најголем дел од тие мерки таму се однесуваат токму на извршната власт. Понатаму, требаше да видиме што се случува со постапките за интегритет во однесувањето на носителите на функции, вклучително и за користење на службени возила во приватни цели кое што беше иницирано од Антикорупциската комисија, којашто не доби одговор, вели Тасева.
Според Тасева, државата не направила ништо за антикорупционерите да не можат да остварат својата улога.
– Немаа можност да проверуваат имотни состојби согласно законот затоа што немаат пристап до базите на податоци, коишто државата многу задоцни со обезбедување средства за тоа. Исто така, немаа можност да ги проверуваат и фондовите на политичките партии соодветно на дадените надлежности. Затоа сметам дека несоодветна, непринципиелна и недолична е, дури, за едно сериозно општество да дозволи ваков тип на комуникација меѓу две институции, вели Тасева.
По тврдењата на Груби дека ДКСК нема никаков успех и нивните постапки се отфрлени од судовите, Тасева вели дека од 2003 година наваму, Јавното обвинителство не постапува по предметите на Антикорупциска.