Култура Македонија Новости Топ Вести

Џијан Емин се закити со две престижни награди

Изминатава недела беше исклучително успешна за Џијан Емин, еден од нашите сестрани музичари што се еквивалент на талент, умешност и професионалност. Емин, кој што е инструменталист, композитор, продуцент, оркестратор и диригент, сосема заслужено се закити со две награди, а радоста со своите поддржувачи ја сподели на социјалните мрежи.

Под мотото „Приказните зад музиката“ во Кинотека викендов се одржа деветтото издание на Фестивалот посветен на музички документарни филмови „Скопје синема сити“. Фестивалот, кој традиционално доделува Награда за животно дело за успеси на полето на филмот и музиката, годинава наградата му ја додели на Џијан Емин, за неговите достигнувања во светот на филмската музика. Претходни лауреати во изминатите години беа Руичи Сакамото, „Њу ордер“, Ник Кејв и др.

Уште една потврда за неговиот придонес во културата кај нас е наградата што ја доби од Институтот за истражување, анализи и политики „Ромалитико“ и настанот „Романи Јагорин“ или „Ромска искра“ на 20 јуни во Македонската филхармонија. Настанот што има и хуманитарен карактер, се организира во рамките на проектот „Заедно за просперитетна заедница“. Доделени се признанија во вкупно 23 категории, од кои наградата за особен придонес во македонското современо општество ја доби Џијан Емин.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *