Македонија Новости Стил Топ Вести

Релаксација- неопходност во справувањето со стресот и чувар на здравјето (2. Дел)

Како ние се релаксираме?

За Македонците, за балканските народи воопшто, не е направено истражување во оваа статија, но, кога би го имало, со сигурност би можеле да тврдиме дека тоа би било:  Балканот- ракија и салата како увод во обилен ручек. Исто така со сигурност би можеле да тврдиме дека во ниту една сериозна статија која што се занимава со стресот и ослободувањето од него, таквиот ритуал, не би бил препорачлив. Но, не си дозволуваме да тврдиме и дека не делува поволно. Впрочем и дел од традицијата ни е, а се вели ‘традицијата не одржала‘.

Темпераментни како и Италијаните, и медитеранските народи воопшто, ние на трпезата ставаме и шеги и секави теми за разговор  и константната околу политиката, која сакале-не сакале, не можеме да ја избегнеме, иако сме свесни дека може да ни го ‘крене притисокот‘, па со ‘ дај нова тура‘  го ‘спуштаме‘ и проблемот го третираме од неговата смешна страна. А, смеењето, и научно е докажано, е -лек. 

 Шега на страна- рекреативното спортување, прошетките во природа и планинарењето, евидентно е: стануваат дел од нашиот начин или стил на живеење, како свесност за потребата од релаксација. Како и посетата на спа-центри и бањи. А незанемарлив е и фактот дека веќе со децении кај нас се практикуваат и источните дисциплини- хата јога и таи чи чуан. Исто како и кај ‘западниот свет‘, и покрај нивните традиционални навики за релаксација.

Интересно е да се спомене дека пред неколку години и Македонија се впиша во мапата на 55-те земји во светот во кои се практикува Смеа-Јога. Можеби  на многумина самото постоење на таков вид на јога, ќе им биде смешно, но реалноста говори дека не само што постојат над 5.500 ‘клубови за смеење‘, туку веќе многу научни истражувања и студии се направени за тој систем на релаксација, кои што потврдуваат позитивно делување на целокупното здравје.

Научна потврда  

Искуството говори дека на западниот човек, всушност и му е потребно нешто научно да се потврди за со сигурност да се знае дека делува. Така своевремено на ‘научен третман‘ била поставена и хата-јога и таи чи чуан, за да се утврди како делуват на човечкото задравје и докажно било: добро делуваат и на основните симптоми на стресот како што се несоницата, анксиозноста, стравот, депресијата, а голем успех покажуват и во превентивата и во лекувањето на многу органски заболувања.

Впрочем и современата психотерапија, автогениот тренинг и биофидбекот, коишто се применуваат во многу клиники, во речиси сите западни земји, во својата основа гo имаат вметнато искуството и сознанијата токму од јога релаксацијата.  

 Релаксација инспирирана од животните

‘Науката за телото и психата, науката за човекот и животот во целина‘, како што ја нарекуваат јогата, потекнува од Индија, уште пред 5000 години,како дел од нивните свети списи -Ведите и Упанишадите. Не е директно инспирирана од животинскиот свет, но многу ставови на телото-асаните во хата-јогата не само што имаат називи на животни, туку всушност тоа и претставуваат- положба, став. Став на мачка на пример. Тоа е она движење кое мачката го прави со својот грб, подигнувајќи го и спуштајќи го. Сите кои чуваат или го чувале ова домашно милениче, многу добро знаат- после подолга ‘дремка‘ мачката прво се истегнува, а потоа започнува со својот грациозен од, којшто е таков токму поради тоа движење, истегнување на грбот. Таа асана е една од подобрите за грбот и држењето на телото воопшто.

Дека од животните може многу да се научи, говори и литературата за јога: ‘Ако подигнеме некое куче или маче додека се одмораат, ќе имаме чувство како да држиме некоја крпа во раката. Мускулите им се опуштени и меки како тесто. Тоа е она што јогините го подразбираат под вистински одмор.‘  А тоа е токму она што сите методи и техники и во западната практика го потенцираат- научете потполно да го опуштите телото.

Да се задржиме на мачката со уште еден пример. Како и да ви звучи-од неа можеме да научиме и правилно да јадеме. Колку и да е гладна мачката ќе почека храната да се олади или стопли ако и ја понудиме директно од фрижидерот.

Човекот, некаде попат додека се цивилизирал, заборавил колку тие екстремности можат да му наштетат на неговото здравје. Затоа денешната медицина одново не учи на она што е здраво затоа што е природно и обратно. Но, оддалечен од природата а со самото тоа и од себе, човекот можеби и треба да почне да учи од животните токму затоа што се во склад, во хармонија,  со природните закони.

Директно инспириран од животинскиот свет бил творецот на таи чи чуан, кинескиот таоистички мудрец Чанг Сан Фенг. Тој ја гледал борбата на живот и смрт помеѓу орел и змија и бил фасциниран од бавните кружни движења со кои змијата ги избегнувала нападите на орелот. Размислувал околу тоа и го создал системот на физички вежби наречен ‘смирена енергија во движење‘, односно- таи чи чуан. Во тој  систем го интегрирал и знаењето од кинеската филозофија-принципот на јин и јанг, со вежбите за правилно дишење.

Тој метод за постигнување на психофизичка и духовна рамнотежа, што во себе секако ја опфаќа и релаксацијата, одамна не се практикува само по кинеските паркови туку насекаде во светот, а и кај  нас, како што веќе споменавме.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *