И француското собрание ќе усвои резолуција за Македонија како Бундестагот
Француската пратеничка Лилијана Танги
Националното собрание на Франција е на добар пат да усвои резолуција за реафирмација на македонскиот јазик на патот на Македонија кон Европската унија, по примерот на документотусвоен во германскиот Бундестаг, најавува пратеничката во францускиот парламент Лилијана Танги, која доаѓа од редовите на владејачката партија Ренесанса на францускиот претседател Емануел Макрон.
„За време на нашите разговори навистина забележавме дека тоа силно се очекува од страна на нашите македонски соговорници и се разбира дека разговаравме меѓу нас и мислам дека сме на добар пат за да го усвоиме истиот текст како пратениците од германскиот Бундеста“г, вели Танги во интервју за „360 степени“, која деновиве престојува во посета на земјава како дел од делегацијата на пратеничката група за пријателство со земјава при француското Собрание.
Таа нагласува дека иницијативата на германскиот Бундестаг е интересна, лично ја поддржуваа и смета дека и мнозинството пратеници од француското Собрание би можеле да ја поддржат, па затоа во својство на претседателка на Групата за пријателство помеѓу Франција и Северна Македонија размислува да предложи усвојување на таква резолуција.
Што се однесува до очекуваните гаранции во однос на македонскиот јазик, таа нагласува дека Франција го признава македонскиот јазик и има катедра за изучување на македонскиот јазик при Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛОКО) во Париз.
„И решението, односно ‘францускиот предлог’, беше важен во однос на реафирмирањето на македонскиот јазик, како јазик официјално признаен од страна на Европската унија и тоа се навистина елементи кои по природа на нештата би можеле да ни помогнат да составиме предлог“, вели Танги.
Инаку, Танги е родена во српскиот град Панчево, од татко Македонец и мајка Хрватка, кои потоа емигрирале во Франција. Сегашниот е нејзин втор мандат како пратеничка во француското Национално собрание од редовите на Ренесанса, која е дела од европскиот либерален блок партии Обнови ја Европа, кон кој припаѓа Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ), чија членка е и нашата Либерално демократска партија (ЛДП).