Во секоја држава за одредени важни одлуки потребно е власта и опозицијата да работат заедно, да ја тргнат настрана политиката и да го сторат она што е добро за граѓаните. Порача американската амбасадорка
Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска порача дека приклучувањето на Македонија во ЕУ ќе ѝ помогне на земјава подобро да се справи со домашните предизвици, а еден од нив е корупцијата. Таа во обраќањето на конференцијата „Односите на САД и Северна Македонија во ера на геополитички превирања“ во организација на Претседателскиот центар за политичко образование, наведе дека неодамна спроведената анкета покажала дека корупцијата е меѓу главните причини за иселување на младите од државата. Им порача на лидерите во земјава дека мора да пронајдат начин и да ја насочат државата во вистинскиот правец, а на власта и на опозицијата им упати порака дека за суштински прашања треба да ги остават настрана политиките и да мислат на доброто на граѓаните.
„Водството на Северна Македонија мора да пронајде начин да го фати вистински правец, дури и пред формално да влезете во ЕУ. САД ќе ве поддржат, ќе продолжиме да инвестираме во вас, но ова не можеме да го направиме наместо вас. За да го преземете следниот чекор, кој ќе ја води вашата земја кон посветла иднина, мора да има политичка волја. Во секоја држава за одредени важни одлуки потребно е власта и опозицијата да работат заедно, да ја тргнат настрана политиката и да го сторат она што е добро за граѓаните. Во сржта на тешките одлуки, кои треба да се донесат, во суштината на тоа зошто НАТО, ЕУ, вашиот однос со САД и зошто домашните реформи, се всушност вашите граѓани“, порача американската амбасадорка.
Таа истакна дека турбуленциите, кои се случиле во светски рамки изминатиот период, покажале дека изолацијата не може да биде патот напред и ги наведе придобивките кои Северна Македонија ќе ги има од приклучувањето кон ЕУ, потенцирајќи дека македонскиот јазик, култура и идентитет ќе бидат зачувани.