Маричиќ: Владата со дополнителни аргуметни ќе ја зацврсти иницијативата за уставните измени пред да ја испрати во Собранието
„Сакаме да го дополниме и зацврстиме образложението на иницијативата коешто беше навистина добро составено од работната група, но Владата ќе стави дополнителни аргументи околу процесот на преговори со ЕУ и околу значењето на иницијативата во процесот на преговори со ЕУ и ќе ја доставиме до Собранието“, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на конференција во МАНУ посветена токму на евроинтеграциите
Владата со дополнителни аргументи ќе го зацврстува образложението на иницијативата за уставните измени пред да го испрати во собраниска процедура, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ/Фото: Фејсбук (Архива)
Иако се очекуваше иницијативата за уставни измени неделава Владата да ја испрати во Собранието, премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека таа се наоѓа на техничка работа во службите и потоа ќе биде доставена до Собранието.
Вицепремиерот за европски прашања, денеска одговарајќи на новинарски прашања за тоа до каде е процесот се уставните измени и дали навреме ќе се стигнат роковите за нивно донесување, како услов за продолжување на процесот на евроинтеграциите, рече дека неговите очекувања се Владата да процени кога е најдобар момент за да ја пушти иницијативата во Собрание.
Тој информира дека имале и неколку консултативни средби со самата работна група која работеше на текстот на иницијативата.
„Ние рековме повеќепати дека би сакале во текот на летото да ги испратиме амандманите во Собранието, крајниот рок за завршување на комплетната процедура знаеме дека е крајот на ноември. Почетниот краен рок би требало да биде летото, значи најдоцна во текот на јули да ги испратиме доколку сакаме да стигнеме во ноември со сите рокови. Има, секако, можност за политички процес кој сакаме да профункционира и апелираме секој ден до опозицијата да го обновиме и да го продолжиме дијалогот. Од друга страна, сакаме да го дополниме и зацврстиме образложението на иницијативата коешто беше навистина добро составено од работната група, но Владата ќе стави дополнителни аргументи околу процесот на преговори со ЕУ и околу значењето на иницијативата во процесот на преговори со ЕУ и ќе ја доставиме до Собранието“,
рече Маричиќ, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на конференција во МАНУ на тема „Забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ: Клучни предизвици и приоритети“.