Ковачевски: Јас да се најдам на црната листа на САД, ќе си поднесам оставка бидејќи тоа ќе го сметам за најголем пораз
Американскиот Стејт департмент вчера соопшти дека го прогласува градоначалникот на Струга за неподобен за влез во Соединетите Американски Држави поради вмешаност во значителна корупција
Јас да се најдам на црната листа на САД, како човек што дел од своето образование го завршил во САД, не што ќе си дадам оставка, јас тоа ќе го сметам за најголем пораз во мојата лична и професионална кариера, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање дали градоначалникот на Струга Рамиз Мерко треба да си поднесе оставка од функацијата.
„Јас сум единствен кој одговара на ова прашање. Можеби и на други места треба да прашате за мислења. Јас го прочитав соопштението на Стејт департментот. Прво, тоа соопштение потврдува дека САД се стратешки партнер на нашата држава кои се посветени на помошта на државата да го унапреди владеењето на правото и борбата против корупцијата. Второ, самото соопштение во себе содржи основи за ставање на црна листа на градоначалникот на Струга, кои се многу сериозни. Општина Струга треба да биде отворена за споделување на сите информации до надлежните органи, а тие да бидат ефикасни во својата работа“,рече Ковачевски.
Тој го повтори ставот дека сите советнички групи во општина Струга треба добро да размислат како ќе постапат.
„Во однос на правните и на етичките аспекти, во однос на мандатот на градоначалникот на Струга, тој ќе мора да одговори на тоа прашање бидејќи тој е избран функционер на непосредни избори. Во однос на динамиката на советничките групи во Општина Струга, сите ќе треба добро да размислат како ќе продолжат понатаму со оглед на наводите кои што се наведени бидејќи, да не заборавиме, тој градоначалник бил на оваа функција во повеќе мандати и во тие мандати соработувал со сите советнички групи во општината без исклучок. Затоа ќе треба да седнат да размислат како ќе продолжат понатаму бидејќи сите тие се избрани од граѓаните да ги штитат и да ги унапредуваат правата на граѓаните“,рече Ковачевски.
Инаку, Рамиз Мерко е кадар на Демократската унија за интеграција (ДУИ) која е коалициски партнер на СДСМ и на централно и на локално ниво.
Американскиот Стејт департмент вчера соопшти дека го прогласува градоначалникот на Струга за неподобен за влез во Соединетите Американски Држави поради вмешаност во значителна корупција.
Во образложението на Стејт департмент се наведува дека Мерко како градоначалник на Струга присвоил средства и се мешал во судските и во другите јавни процеси, притоа нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционерите на Северна Македонија.