Македонија Новости Топ Вести

Црвенковски со иницијатива: ЕУ да ги отвори пазарите и фондовите за Западен Балкан

Да нема никаква заблуда, ова не би било никаква алтернатива или супституција на полноправното членство во ЕУ. Напротив, тоа би бил еден меѓучекор или преодна фаза, која би го олеснила остварувањето на таа цел, рече Црвенковски на трибината на Советот на амбасадори

Поранешниот претседател Бранко Црвенковски има серија критики за бавниот процес на евроинтеграциите на Западен Балкан откако новата методологија за преговори што ја предложи Франција, не даде резултати бидејќи процесот или стои во место или има симболичен напредок.

Неговата оценка е дека поради новата методологија, а не поради бугарското вето, во октомври 2019-та, и покрај позитивната препорака од Европската комисија, Македонија не ги почна преговорите со Унијата. Резултатот е дека во овие три години ниту Србија ниту Црна Гора не направија ниту еден видлив, значаен чекор напред во процесот на преговорите.

Според него, за евроинтеграциите е потребна нова стратегија, па на денешната трибина на Амбасадорскиот совет насловена „Северна Македонија помеѓу Отворен Балкан и Берлинскиот процес – можно ли е побрзо членство во ЕУ?“ промовираше нова иницијатива што предвидува регионот да побара од Брисел пристап до заедничкиот пазар и до европските фондови. Со тоа земјите од регионот би ги подобриле своите економски перформанси, а со самото тоа би биле поподготвени за полноправно членство. Европската Унија, пак, би го зајакнала својот кредибилитет и влијание во регионот и би ги елиминирала сите опасности од неевропски и антиевропски влијанија.

– Ние, земјите кандидатки за членство да ѝ помогнеме на ЕУ да дефинира една појасна стратегија кон регионот на Западен Балкан и процесот на неговото интегрирање. Би сакал да ја искористам оваа можност пред вас, но и пред македонската јавност, да промовирам идеја за една таква иницијатива која, по мое мислење, заслужува внимание. Што е тоа што во оваа фаза за нас земјите од Западен Балкан е најбитно, а во исто време не задира во и онака комплицираното одлучување во рамките на ЕУ? Тоа е пристап до заедничкиот пазар и до европските фондови. Најдиректно кажано, иницијативата би се однесувала на овозможување на овие две цели. Ќе напомнам за да нема никаква заблуда, ова не би било никаква алтернатива или супституција на полноправното членство во ЕУ. Напротив, тоа би бил еден меѓучекор или преодна фаза што би го олеснила остварувањето на таа цел – рече Црвенковски.

ЕУ нема јасна стратегија

Во обраќањето, тој презентираше два начина како да се постигне оваа цел во услови кога „ЕУ нема јасен план што ќе прави самата со себе, а како резултат на тоа ниту што ќе прави со Западен Балкан“.

– Во недостиг на јасна стратегија постојано слушаме едни исти мантри: од ЕУ дека останува политиката на „отворени врати“, а од земјите од регионот дека полноправното членство во ЕУ е единствената опција за која не постои алтернатива. Кои би биле бенефитите од прифаќањето и реализацијата на една ваква иницијатива? Земјите од регионот би ги подобриле своите економски перформанси, а со самото тоа би биле поподготвени за полноправно членство. Европската Унија би го зајакнала својот кредибилитет и влијание во регионот и би ги елиминирала сите опасности од неевропски и антиевропски влијанија. Нема што да загубиме – рече Црвенковски.

Тој ги објасни начините за постигнување на оваа цел.

– Една варијанта е да се искористи веќе постојната Европска економска област, а дека членството таму не е никаква кочница за полноправно членство во ЕУ говори примерот на Австрија, Финска и на Шведска, кои во 1995 година, како поранешни членки на ЕФТА, станаа полноправни членки на ЕУ – рече Црвенковски.

Втората варијанта што ја изнесе се однесува на избегнување на сложените процедури за прием на нови членки во ЕЕО, а истовремено би се овозможил пристап до европските фондови, и предвидува ЕУ да потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан истовремено.

Откако ја презентираше иницијативата, Црвенковски побара на неа да не се става партиски печат.

– Ако оцените дека оваа идеја е интересна и заслужува внимание, во ред, ќе ми биде мило. Ако сметате дека идејата е лоша и безвредна, повторно во ред – можете да ја критикувате или едноставно да ја игнорирате. Но, ве молам, немојте да ѝ ставите партиски печат и да ја внесете во своите дневнополитички конфронтации. Не случајно се решив да ја промовирам токму тука, пред Советот на амбасадори, пред луѓе со големо животно и дипломатско искуство, но во исто време, што е многу важно, луѓе со различни политички припадности и ориентации – рече Црвенковски.

Претходно, тој говореше за бавноста на процесот на евроинтеграции, а дека е така покажува и фактот дека ништо не се променило ниту од неговиот последен јавен настап во земјава, во мај лани.

– За жал, можам да го прочитам истиот текст и денес и ништо битно нема да пропуштам. Таму каде што бевме лани се наоѓаме и сега, без видлив и сериозен напредок. Тоа не се однесува само за Македонија, туку и за другите земјите од регионот, без разлика дали ќе го нарекуваме Југоисточна Европа или Западен Балкан – рече Црвенковски, осврнувајќи се на секоја земја од регионот одделно.

Во ваква ситуација како сега, односно ако нема промени, вели тој, не е оптимист дека би можело да има напредок и во наредните неколку години, а за Македонија рече дека не е земја со многу проблеми, туку земја со многу големи проблеми, без да оди во детали.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *