Вардар попладнево се излеа во село Раотнице во Општина Јагуновце. Покрај ниви, поплавени се и дворовите на 12 куќи вели за Телма, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов. Ова е второ излевање на водата од Вардар во време од еден месец во овој предел.
Жителите на село Облешево, во кочанскиот регион ќе имаат ноќ без сон. Кочанска река е излеана и веќе има поплавено земјоделски површини и се доближува до куќите во ова село. Но, Ангелов смирува, и покрај тоа што браните Калиманци и Гратче се полни и се на неколку сантимерти од прелевање.
Попладнево се бележи и пад на нивото на реката Пчиња, кај критичниот мост кој има слаба конструкција. Нивото на Вардар од Велес кон Гевгелија е зголемено, но не е алармантно за поплави во населени места, а не е исклучено да поплави земјоделски површини. Последното мерење на нивото, во 18.30 часот, на реката Вардар кај Демир Капија е 260 сантиметри, што е за околу 30 сантиметри зголемено од утринското мерење во 7 часот.
Засега нема опасност од излевање. За да дојде до излевање во долниот дел од течението, од с. Удово – с. Марвинци и Гевгелија, нивото треба да се зголеми на 350 сантиметри. Состојбата редовно ќе се следи и се известува. Мостот кај село Уланци во Општина Градско е исчестен од дрвја и гранка, а овој мост не е безбеден, бидејќи неговата стабилност е нарушена од претходно црпење на песок. Водоснабдувањето во Штип е нормализирано, откако филтер станицата се исклучи во трање од два часа, поради зголемената матност на водата која пристигнува од Злетовица.