Македонија Новости Топ Вести

Енергетика: „Домашно производство“ за надворешна употреба

Од 1 јули се беше најавувано враќањето на ДДВ-то од 10% на 18% за електрична енергија. Ова „нормализирање“ е логичен след со оглед на поефтинување на цената на електричната енергија на светските берзи. Буџетот треба да си го добие назад својот дел од колачот. Компаниите за производство и дистрибуција на електрична енергија, од друга страна, од Регулаторната комисија лакомо бараат поскапување заради наводно зголемени трошоци. Владата и Регулаторна со своите пресметки и начини на субвенционирање, неразбирливи за обичните граѓани, ветуваат дека нема да има поскапување за крајните корисници.

Популистичкиот ПР кој го води Владата, е провиден. Истурените ликови кои глумат министри и вицепремиери пуштаат во етер информација дека и покрај зголемување на ДДВ за 8% и барањата на компаниите за поскапување нема да има зголемување на цените на електрична енергија за крајните корисници. Дополнително најавуват и враќање на ефтината дневна тарифа. Сето ова колку е покомплицирано, толку е поедноставно и се сведува на КРАДЕЊЕ на парите на граѓаните.

Регулаторната комисија како продолжена рака на Владата и без да ја зголеми цената на електричната енергија, во рамките на прогласената бесконечна енергетска криза, по ново „вонредна состојба“, ќе им овозможи легално испумпување буџетски пари за наводни субвенции за електрична енергија за буџетари, помали компании и на граѓани. Всушност Владата ги субвенционира огромните профити на компаниите за производство и дистрибуција на електрична енергија, каде се вдомени партиските војници. 

Додека ова се случува во континуитет, Владата не опсипува со промоција на нови „зелени“ енергетски капацитети во Македонија. Сече црвени ленти на модерни биогасни централи, продава полиња со плодно земјиште за изградба на фотоволтаични фарми за 1 евро во кругот на семејството и смислува многу други иновативни начини за крадење во енергетиката. И случајно или намерно забораваат да кажат дека сите тие инвестиции во енергетиката не се државни. Тие се приватни и тоа токму од олигарсите создадени и збогатени од парите на граѓаните. Флоскулата „домашно производство“ ја користат за да ја презентираат произведената електрична енергија на територијата на Република Македонија од страна на приватници како домашна и ја продаваат на граѓаните по европски цени. 

За да се подобри состојбата во енергетскиот сектор пред сѐ потребно е да се формира јавно претпријатие за снабдување на сите државни, општински и јавни установи со електрична енергија произведена во Македонија кое ќе работи транспарентно по прифатливи цени. Левица е за укинување на Регулаторната комисија за енергетика и за конфискација на електроенергетски капацитети кои се изградени и функционираат без почитување на законските регулативи. За зголемување на производство на електрична енергија потребно е субвенционирање за изградба на фотоволтаични паркови и финансирање на секундарните инвестиции како пристап, трафостаници и мрежа за пренос. Левица се залага за забрана за изградба на фотоволтаични централи на плодна и обработлива почва. Ваквите централи треба да се градат само во сончеви делови од брда, планини и рамничарско земјиште кое спаѓа во слабообработлива категорија каде не постои можност за земјоделски активности. 

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *