Во продолжение, прочитајте ја јавната преписка во весникот Нова Македонија помеѓу Митре Инадески и трагичниот егзекутор на Коста Солев Рацин – Мино Минов од 1972 година
Рацин на Лопушник и неговата смрт
Митре Инадески
Првпат објавено: 1972
Извор: Перо Коробар (ур.), „Сеќавања на современиците“, „Наша книга“, Скопје, 1987, 97-99 стр.
На петти или седми мај 1943 година преку другарот Страхил Гигов ни беше кажано дека ЦК КПМ донел одлука да се префрли печатницата од Битуша во местото Лопушник. Префрлувањето имаше тешкотии, бидејќи до Лопушник требаше да минеме една карабинерска станица. Натоваривме две магариња со делови и материјали од печатницата, од кои во случај на претрес не ќе можеше да се забележи што се пренесува. Заедно со нас беа и другарките Ратка Инадевска и Дукадинка Стефановска, облечени во селски носии. „Одевме” во Косоврашките бањи. Кога дојдовме до местото Јама скршнавме кон Бистра-планина, навлегувајќи во густата шума, барајќи го закажаното место со Страхил Гигов. Почнавме да чукаме со камења по буките — три долги удари. Ударите одекнуваа во густата шума. Набргу го чувме одговорот. Се појави другарот Страхил Гигов со оружје. Ние тројцата ги растоваривме магарињата и ги зедовме материјалите со нас и по подолго патување низ шумата дојдовме во базата „Лопушник“. Стражата на базата нè пропушти без задржување, бидејќи со нас беше другарот Гигов.
Во базата ние се упативме кон една барака. Таму при самиот влез веднаш го забележав Рацина наведнат над една машина за пишување. На главата имаше галичко кече со петокрака ѕвезда, а на масата беа расфрлани хартии. Галичкото кече со петокрака ѕвезда тој постојано го носеше. Во тоа време мнозина другари носеа такви кечиња, бидејќи сè уште се дискутираше, каква да биде партизанската капа, која секако требаше да има национален белег. За мене беше посебно задоволство да го видам Кочо во партизанските редови. Јас него го познавав уште како графички работник во Скопје.
Радосен му пријдов, поздравувајќи се срдечно со него, ословувајќи го со „Другар Рацин”, на што тој веднаш ми забележа дека се вика „Дончо”. Другарот Гигов нè информира дека ЦК КПМ донел решение другарот Рацин да раководи со печатницата, дека тој ќе ги подготвува материјалите, а ние двајцата ќе ги печатиме. Потоа добив задача да ги пренесам другите материјали од Битуша, а Рацин и мојот другар да најдат погодно место за сместување на печатницата во околината на базата.
Јас преку ноќта со еден курир ги префрлив материјалите. Идниот ден уште во раните мугри другарот Добривое Радосављевиќ-Боби-Орце, Страхил Гигов, Кочо Рацин и ние отидовме на местото избрано за печатницата, за правење на земуница. Добивме алат и почнавме да копаме. Рацин беше многу добро физички граден и со голема страст се даде на копање. Пет дена и пет ноќи без прекин копавме, а за да не оставиме трага од земјата со вреќи, ја пренесувавме далеку од местото каде што копавме. Местото на печатницата се држеше во тајност и од другарите што беа во базата, иако таа беше на петстотини метри од базата во една густа букова шума. Земуницата ја направивме солидно, со нужните греди и маскирана, така што не можеше да се забележи. Влезот беше исто така камуфлиран. Внатре беа сместени три кревети и нужните материјали за печатење. Преку ден излегувавме од земуницата и работевме. Рацин си направи маса под една голема бука и тука работеше.
Отпочнавме со работа со набирањето на збирката „Македонски народно-ослободителни песни”. Песните му беа средени уште пред нашето доаѓање. Тој се носеше со мисла, а затоа имаше и приготвени материјали, за издавање неколку дела. Додека ние ги набиравме и печатевме песните, тој работеше на средувањето на Сталиновиот говор, одржан по повод Први мај 1943 година. Со почнувањето на нашата работа околу печатењето на говорот, тој се зафати околу средувањето на Прогласот на ЦК КПЈ, кој беше упатен до македонскиот народ по повод Илинденското востание. Прогласот требаше да се печати во тираж од 2.500 примероци. Истиот ден, кога се заврши печатењето на „Прогласот до македонскиот народ”, Кочо Рацин беше заминал по некаква работа до базата на Главниот штаб и преквечерината (13 јуни 1943 година) се враќаше кон складиштето на печатницата. Не забележувајќи дека се приближил кон печатницата, Рацин слободно продолжил да се пробива меѓу буките, без да се јави со вообичаените конспиративни знаци. Тоа го разбуди сомнението на стражарот, кој почна внимателно да гледа кон местото, откаде што допираше шумолењето.
Неколку секунди подоцна во густиот мрак на шумата сред летната вечер, остро одекна гласот на стражарот:
— Стој!…
И по повикот, Рацин продолжи да се движи низ буките. Не можејќи да го распознае, стражарот пак силно извика:
— Стој!…
Како што е познато, Кочо беше прилично наглув и не го чу гласот на стражарот, на кого што му изгледаше сосем сомнителен молчеливиот човек, што врви напред кон него, кон печатницата. А при тоа сите во печатницата знаеја дека непријателот имаше сконцентрирано голема војска во подножјето на планината, во месноста „Извор”, и во целата околија владееше опсадна положба.
По третиот предупредителен вик на стражарот изгрме пушка, што надалеку одекна низ планината…
Вековните буки на Лопушник, како живи луѓе поткосени од остра болка, замреа во ноќта. Како да затагува целата родна планина во црниот час што го вледени срцето на крилатиот поет Рацин, верниот син на татковината, поетот, што безмерно го сакаше својот народ и се жртвуваше за него.
Другарите од печатницата го грабнаа оружјето и притрчаа кон стражарското место. Се чу офкање. По гласот познаа оти е Рацин. Притрчаа, — беше смртно погоден. По неполни два часа тој умре.
Голема тага ги облеа сите другари. Веста за несреќната смрт на Рацина со голема и неизмерна болка ја примија партизаните, како и целиот народ, кој многу очекуваше од овој свој верен син.
Мино Миновски
Писмо до Митре Инадески
Напишано: 12 март 1984
Првпат објавено: „Нова Македонија“, 16-30 март 1990.
Повод за вакво писмо до тебе е појавата на книгата „Кочо Рацин“ од Блаже Ристовски [објавена во 1983 година] во која се отпечатени две сеќавања, твоето и моето. А бидејќи ние сме главни директни сведоци, сѐ уште живи, кои уште со пренесувањето на печатницата во шумите на Лопушник заедна работевме со Кочо Рацин, разбирливо е што луѓето се интересираат и ќе се интересираат за овој случај, за неговото погинување токму од нас двајцата. Меѓутоа, вистина е дека ние двајцата во многу нешта се разликуваме во сеќавањата и луѓето ги доведуваме во дилеми, како што нагласува и самиот автор на книгата, дека поради тоа се прават разни шпекулации. Уште повеќе што сведочењата на директните сведоци доста се разликуваат меѓу себе, вели тој.
Другар Митре, читајќи гo твоето искажување по овој несреќен и голем случај, не еднаш, но неколкупати се навраќам за да навлезам во суштината, на она што си го изјавувал како спомен за Рацина. Никојпат не бев помислил дека токму ти толку ќе ме разочараш, не само тоа, но и ти ќе ме огорчиш со твоите паушални и ѓутуре, несредени и неодговорни искажувања, па и противречни, што мора на овој писмен начин да ти се обратам бидејќи секаков друг начин по усмен пат на меѓусебно расчистување на самиот случај би се изгубиле во етерот. А вака барем нека остане на оние кои по нас ќе останат да се интересираат. Понадолу од писмото, ќе се задржам на она што сметам дека е важно во твоите сеќавања и ќе се потрудам да одговорам. А сега кратко за самиот случај, иако во моето сеќавање во својата автобиографија сум го изнел и немам забелешки за она што во книгата стои, што ти го знаеш, а и ова би требало да го знаеш.
Ранетиот од мене Кочо Рацин не ја преживеа раната, но уште со неговиот глас, со офнувањето и мене така тешко ме ранува која рана и ден денеска не е излечена. Таа траума, тој душевен неизлечив потрес се претвора во некаква халуцинација, која ме доведе до тоа јавето да го претворам во сон. Ја падам вистината и се лажам самиот дека тоа мора да биде сон и така се губам. И веќе не знам како се најдов легнат до Кочо и до самиот мене седнат Киро Георгиевски. Тоа е што ти велиш си ме видел по случајот вкочанет и скаменет кога вие со Чинго сте биле до Рацина. Поради сѐ горното, јас сум многу чувствителен кога се работи и се пишува за Кочо Рацин, зашто знам и бев и сум свесен кого загубивме бидејќи го познавам не од сега, туку уште од времето на првите средби до 1932 година. Другарувањето со Кочо многу придонесе да ги зацврстам своите убедувања дека само со борба ќе се дојде до слобода и сум сочувствувал во сите негови трауми со направената му неправда на времето, макар што не сум го потсетувал на тоа.
Но ова е друга тема. А сега да прејдам на она што ти си го раскажувал за Кочо Рацин на 30 мај и 20 јуни 1974 година, пред авторот на книгата „Кочо Рацин“ – Блаже Ристовски и д-р Лазо Каровски. Како прво сметам дека ти правиш една основна и груба грешка што загинувањето на Кочо Рацин како да се случило во така да ја наречеме, првата база каде што е фурната, земјанката на печатницата, а не во втората база, како што ти самиот ја наречуваше Мечкин Дол, како што ја нарекуваш ти уште и подвижна база. Ова ме зачудува и неколкупати го препрочитувам текстот, но сето тоа говори дека Рацин загинува во првата база. Но зошто така го прикажуваш кога имаш уште живи сведоци, а особено кога е Кочо закопан во другата база, односно подвижната база, оддалечена, не повеќе од 2 километри од онаа база, каде што му е споменик подигнат, кој исто така е и еден вид сведок, кој за тебе ништо не кажува. Сѐ тоа ме доведе во недоумица. Јас можам да поверувам во варијабилноста на сеќавањето, во ситни незначајни нешта. Но не и во најосновните и битни моменти, особено кога се работи за човек и револуционер за кого пишуваат илјада негови современици, кој зазема место во нашата историја, а ти даваш една верзија која е неодржлива. На што личи тоа?
И како си можел тоа да си го дозволиш? Јас сметам дека човек кого веќе го напуштило сеќавањето, поарно би било ниту да го става на хартија, ниту пак погрешно да го искажува. Од ваквото неточно лоцирање на несреќниот случај на Кочо Рацин доаѓам до уверување дека ти се создала таква збрка и за да го оправдаш тоа ти се потпираш на логиката да ти помогне за излез од оваа ситуација. Еве да те потсетам дека одамна учената логика ја нарекле слугинка во кујната, но и таа во случајов не ти помогна. Сѐ повеќе запаѓаш во невистини, дури кои го навредуваат и Кочо Рацин. Еве што велиш:
Печатницата останала во земунката сѐ до 13 јуни, до загинувањето на Кочо Рацин. Понатаму: Рацин беше повикан во подвижната база на Лопушник и неколку дена беше отсутен, два дена и третиот ден стана убиството. Понатаму велиш: на 12 јуни бев во базата на Главниот Штаб и Страхил Гигов ми рече Кочо да дојде во базата за редактирање. Со мене дојде и Пеце Чинго да ми биде чувар. Јас му кажав на Рацина и тој сам отиде таму. Како ова да го објасниме? Прво, Кочо го нема неколку дена (два дена), тоа значи според тебе, 11 и 12 јуни, а на 13 јуни загинува, а на 12 пак кога си бил кај Страхила си се вратил со Пецо Чинго и си му рекол на Рацина да оди во Главниот Штаб за редактирање. Како Кочо сега се најдува при печатницата на 12, а го нема 2 дена порано? Како си можел да му јавиш? Прашувам, како си можел да даваш такви искази кога сам запаѓаш во грешки непотребни и неточни, кога ни ти, ни јас, ниту пак Рацин сме биле во оваа база за време на погинувањето на Кочо Рацин, онаа база кај земјанката. Уште поголема невистина кажуваш кога велиш дека Рацин го испратиле од Главниот Штаб околу 7 часот утрото. Не се знае каде одел до 8 навечер, тоа се само рамно 13 часови. Ако Кочо нормално патувал по 5 км. на час, испаѓа дента да пропатувал 65 км. пат, а целиот Лопушник сигурно нема повеќе од 4 км. во должина и ширина. Тоа може да биде една невистина, измислица долга 65 км. А понатаму на страницата 446 од книгата, си бил запрашан од авторот на книгата кој го пратил Рацина да оди ноќе. Еве го твојот одговор: Ти си одговорил – ми рекоа дека го испратиле Рацина да ни донесе јадење и да ни каже каде е преместена базата за да отидеме таму и никого не спомнуваш од кого го разбра тоа. Јас се прашувам зошто имало потреба Кочо да ни го покаже местото каде е преместена базата кога веќе ти, Митре, вчера дента, како и Пеце Чинго се враќавте од базата. Како ова да си го објаснам? И те прашувам, зошто ти беше вакво накарадно и неточно искажуваше што и мене ме доведе во недоумица кога јас, Мино Миновски, ти, Митре Инадевски, и Пеце Чинго сме во новата, а од тебе наречена Мечкин Дол или подвижна база, што сега од твоите искази разбрав дека така се викала. И ние, јас и ти, сме од таа база само еден ден подоцна отидени и никаква врска нема со ова твое дрдорење и тоа е за голема осуда бидејќи се создава една можност луѓето со разни сфаќања, определби кој како сака да толкува што е за секаква осуда.
Сега сакам да се вратам назад само со неколку дена и да те потсетам на еден така незаборавен случај кој го причини напуштањето на главната база, каде што беше фурната на нашата земјанка и печатницата. А тоа е т.н. напад на оваа база од страна на балистите. Тоа е нивното откривање на базата. Ова откривање беше причина за преместување од оваа база на другата, Мечкин Дол, подвижна база, а не како што кажуваш ти дека тоа станало поради некаква стриктна наредба на Темпо. И тука ти сакаш да се мешаш во тоа што била работа на военото и на политичкото раководство. Ти поради тоа и грешиш. Ако си заборавил на овој момент, треба да ти објаснам точно зошто ние со тебе еден ден подоцна ја напуштивме базата и отидовме кај другарите во другата база. Белки ќе се сетиш дека јас и ти дента кога се случува нападот од балистите на базата, бевме на пат преку Бистра и се враќавме од Битуше. Нешто носевме, ти нешто носеше, дали отидовме по радиото или што, не се сеќавам бидејќи јас за нешто што не сум сигурен на хартија не го ставам. Но што и да е, ние идејќи во базата бевме скршнале од патот и излеговме наместо во базата, под базата, но поради мракот и маглата останавме да преноќиме долу во ливадите под една бука. Кога се забели рамнината, се искачивме право кај земјанката од печатницата и влеговме во скривалиштето и ништо не знаевме што се случило со базата. Јас го запалив примусот за да зготвиме нешто, бидејќи бевме гладни и изнемоштени. Во тој момент наиде Добривое Радосавлевиќ – Орце, што ти, во свое време, тој случај го опишуваш малку карикирано. Но како и да е, тој го подигна капакот и нѐ повика да излеземе од скривалиштето. Тој нѐ извести дека веќе овде нема никого од нашите и дека треба да земеме што можеме и со него да заминеме во другата база, каде беа преместени другарите. Тоа е подвижната база. Така што другиот ден, ниту ти, ниту јас, ниту Кочо Рацин не сме се вратиле. Ова е суштината, вистината, а тоа треба да ти нагласам дека ова сега скратено го прераскажувам бидејќи сум го напишал пред 15, па може и повеќе години во мојата биографија, која од почит и другарство спрема тебе беше дадена во Архивот на градот каде ти беше делегиран да прибираш мемоарска граѓа од борците, и, колку се сеќавам, под твоја контрола е пречукан ракописот и од него, според договорот, вие дадовте две книги. Ти имаше можност да погледнеш што сум напишал во времето. Така што ова со нападот на балистите според сегашните сеќавања на Злате Билјановски се има случено на 5 или 6 јуни, што значи една недела пред загинувањето на Кочо Рацин. Така и печатницата беше пренесена во новата база. Ова сето стои во мојата автобиографија на стр. 334, 335, 336.
Другар Митре,
Овде ќе напоменам дека две карактеристични работи бидејќи ти, се гледа, кога раскажуваш и пишуваш, многу лесно ги ставаш на хартија, или ги прераскажуваш и во кои и сам си уверен дека не се точни бидејќи живееше со увереност дека на хартија ќе остане па кога било ќе придонесе за збогатување на твојот посакуван примат. Макар ова не спаѓа во случајот што го третирам, но сепак нешто значи бидејќи тука е споменат и Рацин. Во книгата на Б. Ристовски на стр. 437 се вели: Митре Инадески ми соопшти дека уште со печатењето на материјалите што ги добива од Окружниот комитет, забележал оти јазикот не е изедначен, па, како печатарски работник, ја почувствувал потребата за лектор на изданијата. Во декември 1942 година, тоа свое размислување му го соопштил на Кузман Јосифовски – Питу (во Тетово), кој го прифатил предлогот. Можеби тоа влијаело Рацин да се доведе во Главниот Штаб на ЦК и јазично да ги редактира материјалите. Ова стои во книгата.
А, бре, Митре, јас не се сомневам во твојата видовитост, но ти дека си му соопштил на Кузман не можело да се случи, па макар и да си бил во Тетово, од простата причина што Кузман го напушта Тетово во јули 1942 г. и не се наоѓа во Тетово, туку во Скопје. Тоа не си можел да му го соопштиш ни на Крсте, бидејќи тој беше во тиранскиот затвор. Ти во ова време уште не можеше ни да знаеш кој ја водеше Партијата во Западна Македонија, бидејќи ти сѐ уште беше на поединечна врска со мене, па ако сакаш, ни јас не држев врска со другарите од Окружниот комитет сѐ до моето доаѓање за правење на печатницата, а тоа е октомври 1942 година, дури и на никого не кажав каде заминувам и зошто јас лично ја воспоставувам врската дури на 17 јануари 1943 година. Кога тебе ти притреба нова количина букви, точно паметам, бидејќи кога се вратив со буквите, беше 19 јануари 1943 година, беше денот Богојавление, Водици, кога пред црквата младите играа оро. Друго, до ова време не сме добивале никаков материјал од Окружниот комитет. Оние, пак, материјали што тогаш ти ги печатеше, како што сам пишуваш, се статиите од „Борба“, орган на ЦК на КПЈ и билтените на Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ, кои јас ги бев донел кога го напуштив Тетово, бидејќи беа кај мене. Така стојат работите. Толку за видовитоста.
Уште по повод јубилејот 1942-1982 година, четириесетгодишнината од проработувањето на печатницата „Гоце Делчев“, беше печатена една книшка од 32 страници како твоја монографија (на Митре Инадески). На 8 стр. ти пишуваш: Бидејќи ми беше позната техниката на печатењето, направив цртеж за пресата. А пак Мино, кој по професија беше градежен работник, малтерџија, мошне добро се разбираше и од дрводелство, го зеде нацртот и за неколку дена пресата беше готова. А со години ти беше под рака мојата биографија во која токму овој случај, со цртежите сум го напишал без да знам дека тебе ќе ти бидат потребни. Јас не гледам зошто ти се потребни вакви измислици. Кога ти пристигна, пресата веќе беше готова, направена од дрво и те однесов кај Филип Настев да ја погледнеш, посебно нејзиното разработување што ти го опишуваш. 3ошто, кога ти имаш особени заслуги со зачувување на печатницата „Гоце Делчев“ до крајот на ослободувањето. Уште во книшката си набројал луѓе илегалци кои никојпат не стапнале во Битуше, како Кузман, Елисие Поповски и др. кои не стапиле во нашето село Битуше. Битуше како село ја зачува во двапати оваа печатница. Нѐ зачува и мене и тебе. Што да бараме повеќе? Јас уште со излегувањето на твојата книшка, она го забележав, но сѐ ова така ќе останеше, ако не се појавеше книгата „Кочо Рацин“. Тоа ме доболе и покрај другото и ова нека остане како пример за твое верно изнесување на работите. Ми се чини дека ти боледуваш и секаде бараш некакав твој примат во твојот ранг, па макар со присвојување. Заедно сме работеле, соработувале, а сега правиш вакви работи за тотално да изгубам верба во твојата вистинитост и објективност. 3арем вака требаше да се пресметуваме, јавно да се натегаме, но ме доведуваш во таква положба. И ништо повеќе. А како барем не помисли дека јас сум уште жив и дека не можам да поднесувам невистини, особено историски невистини пред нашето поколение. Но да продолжам со загинувањето на Кочо Рацин.
Според тебе тоа се случило во првата база на Лопушник. Кога Кочо паѓа ранет, ти велиш дека не знаеме зошто си ce упатил кон старата база, а тоа е кон фурната, а не кон базата Мечкин Дол, односно подвижната база. Си наишол на Василко, кој чувал стража, потоа си го сретнал тука и Крсте Црвенковски и со него сте отишле да го известите Страхила. Прво – таа база немало зошто да се чува и како пак Крсте се наоѓал тука без некоја потреба.
Море, Митре, зошто се вакви приказни. Ти веќе се наоѓаш на 200 метри од случајот со Кочо. А јас сега тебе не можам да те разберам и да си објаснам при раскажувањето во каква состојба си бил ти и кога сте стигнале во трлото на Кленоец, сте слушнале како офка Кочо, па за да го потврдиш уште додаваш дека ноќе поарно се слушало, а три и повеќе километри оддалечен од местото на несреќата на Рацин! Чудни приказни за некој фантастичен роман. Да ти кажам уште нешто: Навистина јас многу нешта сум заборавил, но она никако. А зошто? 3атоа што секогаш кога ќе ми излезе случајот со загинувањето на Рацин, мене пред очи ми излегува таа прва глетка, слика и никогаш изменето местото на печатницата — малата водичка што како водопад се лизгаше низ брегот, како ти тој ден на паднатото дрво ги сложуваше буквите, а ние истиот ден со Рацин работевме. Пред очите ми е оној фамозен момент: jac, ти и Рацин сме на нозе заедно и ти беше што го подигна прашањето за вечера. Јас му реков да побрза да слезе да види што има за јадење и тој нека приготви, а ние да ги потсокриеме работите и веднаш сме долу на вечера. Тој немаше потреба и немаше зошто да се враќа назад. Тоа негово враќање беше фатално. Ти знаеш дека никојпат усмено не сум ти напоменал, рекол дека и ти придонесе (за несреќата) со твојот плашлив извик. Таа паничност се преселува во мене и брзо реагирам. Од тоа се состоеше несреќата што секојпат ме боли. Ти двапати при раскажувањето ова пропушти да го кажеш, во книшката по случајот јубилејот — дека ти одеше напред, по тебе јас, па Пецо и дека ти прв извика „Човек!“. Сакам уште еднаш да се навратам и да ти кажам дека по никаков случај не можам да ти поверувам дека ти можеше да заборавиш дека дента на 13 јуни, Кочо не беше со нас и дека пpи завршувањето на работата пред нас замина да ни приготви јадење. Неговото враќање кон печатницата нека биде 45 минути, нека беше и еден час, ти како можеш тоа да го заборавиш и да речеш дека 13 часови барал дури да дојде. Тоа е уникум. Едно остана кај мене постојано и кога ќе се сетам, си го поставувам прашањето, зошто Кочо Рацин се враќа назад кога знаеше дека ние одиме кај него? Тоа до ден денес никој лично не ми го кажал, како станало. Ми се чини дека поентата е токму таму и зошто да не е расветлено тоа враќање на Кочо Рацин назад. Сигурно тоа се дискутирало и сам велиш дека си бил таму кога се расправало дали јас тука имам вина во случајот, па сигурно можело да се расчисти како станал случајот Кочо да се враќа назад. Можно е тука и други да имаат грешка. Зошто тоа не се расчитува? Далеку сум од тоа да помислам дека некој тоа намерно го направил, уште помалку дека некому му пречел Кочо во борбата против класниот непријател и окупаторот.
Тој, Кочо, просто душата му ја познавав, како невино дете се радуваше на сите успеси на движењето. Зошто некој да има нешто против него? Но, покрај сѐ, може да се случи грешка, ако постои таква грешка јавноста мора да знае. Никакво замачкување, како што може од твоите дрдорења да се разбере. Тогаш чиј шпион си ти, ако ја скриваш вистината? И зошто сето ова го измислуваш и го преселуваш трагичниот случај во друга база, кога знаеш дека ќе бидеш демантиран од самата вистина и од сѐ уште живите луѓе и сведоци. Ако за ова што пишувам не се согласуваш, сигурно дека можеш писмено да го демантираш. Ти уште се служиш со некои инсинуации со тоа што го прикажуваш како човек со слаба ориентација, дека Кочо како поет не требало, или бил навреден што носел греди. Кочо никогаш не се срамувал од физичка работа. Тој е работник, грнчар, шлајфувал басамаци, скали како физички работник. Ништо господско, никаков таков манир немал, а особено тебе ќе ти се пожалел. Јас тоа не можам да го поверувам. Ти така зборуваш затоа што Кочо не го познаваш – тој беше вистински стоик, своите потешкотии не само што никому не ги соопштуваше, туку од никого не бараше никакво сочувство, па и од најголемите. Зошто мораш да раскажуваш такви работи, зошто толку навреди за човек кој многу повисоко стои над мене и над тебе?
Но да завршам и сметам, а ти како сакаш направи: ова твое искажување што е печатено во книгата „Кочо Рацин“ дали ќе го потврдиш или јавно ќе го демантираш зашто во него нема ништо точно. Второ, како сакаш и колку сакаш можеш на ова што ти го пишувам да одговориш зашто не сум го дал ниту да остане како документ.