Интервју на Христијан Мицкоски за DW: Жалам што СДСМ пропушта историска шанса
Катерина Блажевска
ВМРО- ДПМНЕ покажа конструктивност, која власта нема капацитет да ја валоризира. Времето ќе покаже што значел нашиот предлог, вели Мицкоски
Иако средбата Ковачевски-Мицкоски заврши без договор, поради што и претседателот Пендаровски одби да ја коментира, пет дена по неа сѐ уште не престануваат тврдењата на СДСМ дека Мицкоски прифатил уставни измени, но без осврт кон посочените услови под кои опозициската партија би се согласила за тоа. Ваквиот пристап само ја интензивираше размената на меѓупартиски реакции, и ја зголеми недовербата меѓу соговорниците. За таквиот епилог и прашањето – што потоа, разговаравме со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
ДВ: Имате ли анализа, што беше целта на лидерската средба, ако вашиот став за уставни измени стана предмет на слободна и неточна интерпретација од СДСМ?
-СДСМ е потполно свесна за тоа што го понудив на лидерската средба, но упорната манипулација која се прави со изнесување на неточни информации и импутирање на зборови практично ја отсликува состојбата во партијата и значи отсуство на волја да се направи реален исчекор со решение кое ќе значи зачувување на идентитетот и реална и брза интеграција на државата. Дотолку повеќе што задните и вистински намери се гола пиар реторика и битка, отколку грижа за државата. Расфрлањето со пердуви е контрапродуктивно затоа што јасно е од лидерската средба дека нема договор, а сѐ уште чекаме одговор од СДСМ – кој од двата предлози кои ги понудив тие го прифаќаат. И на самата средба Ковачевски беше дециден дека нема договор, што и јас го кажав потоа во изјавите пред медиумите. Мојата цел беше да се одглават работите и да се даде поинаква перспектива на процесите, да создадеме решение кое нема да биде на штета на граѓаните и иднината на Македонија. Жалам што СДСМ пропушта голема и историска шанса.
ДВ: Има ли најава од Ковачевски и СДСМ дали и кога ќе се изјаснат за тоа кој ваш предлог е прифатлив за нив?
– Ние чекаме одговор. Непродуктивно и бесцелно е да се продолжи со какви било разговори или работни групи, ако тие не се сложуваат за предлозите кои ги дадовме. Ние ќе почекаме уште некој ден. Наместо да трошат енергија на посипување пердуви, нека имаат суштински состаноци и нека излезат со став.
ДВ: Може ли да разјасните кои се точките на совпаѓање или исклучување со контрапредлогот и предлогот што вие ги дадовте?
– Она што го понудив е промена на околностите, заштита на националните интереси и европска интеграција. Првиот предлог кој го дадов е преодна влада без ДУИ, измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ. Вториот предлог е избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет, и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на судот за човекови права во Стразбур. И измени од влада без ДУИ, поддржана од опозицијата. Она што го понуди Ковачевски се уставни измени под бугарски диктат, и широка влада со ДУИ. Не е поентата ВМРО- ДПМНЕ да дојде на власт во некаква широка влада, туку да изградиме процес и пакт за национално единство каде ќе ги заштитиме националните интереси.
ДВ: Сте разговарале ли со претставници на меѓународната заедница по лидерската средба, и какви се нивните ставови?
-Имаме постојана комуникација со меѓународната заедница, не би сакал да ги интерпретирам нивните ставови, тоа го оставам да го кажат тие. Но знам дека ВМРО- ДПМНЕ покажа конструктивност и грижа за иднината, која власта нема капацитет да ја валоризира. Од тој аспект – сите оние соопштенија дека ДУИ би се жртвувала за решение, но треба да се знае дека не одлучуваат ДУИ и Али Ахмети дали ДУИ ќе ја напушти Владата. СДСМ треба да се охрабри и да ја прифати подадената рака за преодна влада.
ДВ: Ако од СДСМ не добиете одговор на вашите предлози, ќе има ли некој следен чекор од ваша страна?
-Ако се пропушти и оваа шанса, јасно е дека процесот е целосно заглавен, дека СДСМ има намера да донесе решение кое ќе биде штетно, а единствената брана за такви уставни измени ќе останат ВМРО- ДПМНЕ и пратениците кои нема да дозволат тоа да помине. Во тој случај изборите се единственото логично решение.
ДВ: Накусо – дали вашето учество на лидерската средба, беше злоупотребено за други цели?
– Создадоа проблем кој не можат да го решат, прифатија договор кој не можат да го испорачаат, ЕУ-интеграцијата на Македонија е закочена, единствено логично решение беше да се разговора за европската иднина на Македонија. Тоа со задоволство го прифатив, разговарав и понудив решение и покрај тоа што не сум дел од проблемот. Целосно свесен дека можеби определени структури ќе ме нападнат, а кои се во постојана координација со ДУИ и СДСМ. Државнички и одговорно е да се носат решенија кои не се на штета на идентитетот, а обезбедуваат европска иднина. ДУИ и СДСМ одлучија преку тие платени инсталации себенаречени опозиционери да ме нападнат мене и ВМРО-ДПМНЕ. Целта за последна катарза во опозицијата пред изборите е оправдана, а времето ќе покаже што значел нашиот предлог, а кои биле слугите на ДУИ и СДСМ.
ДВ: Како го оценувате условот на ДУИ (прво да влезат во сила уставните измени, а потоа да ја напуштат Владата), како и нивниот предлог за ветинг на сите политички партии -претседатели, партиски функционери, пратеници?
– ДУИ не е во позиција да поставува услови. Доколку СДСМ навистина го прифати еден од предлозите, тоа се: Прво, завршување на процесот сега, со одложено важење кога Македонија ќе ги заврши преговорите и ќе влезе во ЕУ, така го заштитуваме Уставот и идентитетот, нема дополнителни условувања и барања од Бугарија. ДУИ тоа го толкува поинаку, тоа е нивен проблем. Колку побргу заминат во опозиција, толку побргу на Македонија ќе и` тргне. Второ, избори наесен, поддршка на опозицијата во заштита на идентитетот многувековен, традиција, култура, обичаи и јазик пред европските институции од страна на опозицијата, економски пакет од Европската Комисија, имплементирање на пресудите од судот за човекови права во Стразбур за Македонците во Бугарија.
Што се однесува за ветингот, мојот став е јасен – треба прво ветинг на политичарите и нивните блиски. Милијарди тежи капиталот на политичарите, да докажат како го стекнале и да видиме потекло на имотот, па потоа сѐ друго. Се пријавувам доброволно да бидам прв во тој процес.