Од МВР информираат дека експлозивната направа била поставена рано утрово, од страна на четири лица кои се обиделе да одземат пари, но не успеале во намерата. Во случајот нема повредени лица, а покрај банкоматот оштетени се и три возила
Банкомат на една домашна банка рано утрово биле целосно оштетен, откако на него била поставена експлозивна направа.
Станува збор за банкомат лоциран на улица во скопската општина Бутел. Во експлозијата нема повредени лица, а покрај банкоматот од детонацијата оштетени се и три возила.
Случајот за го потврдија од Министерството за внатрешни работи, од каде велат дека утрово околу 3.38 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје четири лица поставиле експлозивна направа на банкомат и се обиделе да одземат пари од него, но не успеале во намерата.
„На 06.06.2023 во 03.38 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачје на Бутел четири лица кои дошле со возило, поставиле експлозивна направа на банкомат и се обиделе да одземат пари, но не успеале. Од детонацијата се оштетени три возила. Нема повредени лица“,се наведува во информацијата на МВР.
Оттаму додаваат дека во моментов полициски екипи вршат увид на местото и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Од фотографиите кои ги објави ТВ Сител од местото може да се види банкоматот на улицата „Христијан Тодоровски Карпош“ е целосно оштетен од експлозијата.