Спомен Домот на „Тодор Проески“ од Крушево, ја започна кампањата „Тоше – За овој свет“ преку која планира низ училиштата во Македонија да го презентира неговиот лик и дело, а воедно да покаже и дел од поставката која се наоѓа во овој музеј. Кампањата започна од основното училиште „Кире Гаврилоски – Јане“, каде беше изведен музичко сценски настан.
„20 години ќе славиме годинава и догодина од прогласувањето на Тоше за најмлад амбасадор на УНИЦЕФ, светската организација која ги заштитува правата на децата. На своите настапи преку неговото мото ја потенцираше љубовта кон сите, посебно кон децата. Да не зборуваме за неговата голема и хумана мисија“, истакна Лефкија Гажовска, директорка на Спомен дом „Тодор Проески“.
„Тоше Проески беше еден за сите деца, децата го обожаваат и преголема е радоста на нашите дечиња што кампањата почнува баш од нашето училиште“, рече Влатко Кузманоски, директор на „Кире Гаврилоски – Јане“.
Тука беа поставени лични предмети од Тоше кои за прв пат се изнесуваат надвор од Спомен домот.
„Тоа е од неговото за жал последно интервју, гостувањето на шоуто Вртелешка кај Весна Петрушевска, последната вечер 15 октомври 2007 година и репликата на велиот евровизиски мантил од пред 19 години, од неговото учество како македонски евровизиски преставник во Истанбул во Турција. Белата гитара која му беше на Тоше омилена, на која има изведено премногу песни и на која тој компонираше“, изјави Надица Талеска, кустос во Спомен Домот „Тодор Проески“.
Од 2011 година до денес Спомен домот на Тоше го имаат посетено над 1 милион посетители, од кои само 30.000 од Нова Година до денес. Поставката брои околу 630 лични предмети на Тоше.