„Млади европски приказни, млади креативци“ – фестивал посветен на детската креативност и книжевноста за деца
Од 30 мај до 6 јуни, на пет локации во Скопје, ќе се одржува книжевната и творечка манифестација за деца и млади „Млади европски приказни, млади креативци”, во организација на издавачката куќа Чудна шума.
На фестивалот ќе земат учество повеќе македонски автори и илустратори за деца и неколку издавачки куќи, а фокусот на фестивалот ќе бидат креативните работилници за деца и млади со различни возрасти, промоции, читања и претставувања на книги за деца и млади, а посетителите ќе имаат можност да погледнат и изложби, камишибаи претстава и да бидат дел од едно поинакво искуство.
Фестивалот ќе се одвива на пет локации во Скопје: Младинскиот културен центар, Градската библиотека „Браќа Миладиновци” и нејзините централни објекти – библиотека „Другарче” и библиотека „Цветан Димов” (Чаир), како и новоотворената книжарница Чудна шума на улица Костурски херои бр. 19 (веднаш до Универзална сала).
Работилници ќе држат авторите и илустратори: Ирина Атанаскова, Небуше Ајети, Наташа Костовска, Билјана С. Црвенковска, Симона Јованоска, Алексеј Костовски, Нита Муча, Доротеј Нешовски…
Ќе се одржат промоции на книгите: „Sуница” од Бранислав Николовски со илустрации на Иванка Ниба во издание на Едиција Светулка (промоцијата ќе вклучува и многу пеење, играње и забавни креативни активности за децата), потоа промоција и креативна работилница „Седумте Некоиси и седумте македонски композитори” на авторите Бистра Георгиева и Александар Трајковски, со илустрации на Наталија Лукомска – книгата која беше прогласена за најдобра книга за деца и млади на овогодинешниот саем на книга, како и читања и претставувања на уште неколку книги за деца и млади во издание на Чудна шума и Сказнувалка. Настаните ќе ги води и модерира Ана Јовковска.
Во рамки на фестивалот „Млади европски приказни, млади креативци”, на 5 јуни, понеделник и на 6 јуни, вторник, во Градска библиотека „Браќа Миладиновци” и нејзините централни објекти – библиотеката „Другарче” и библиотеката „Цветан Димов” (Чаир), организирани креативни работилници за деца од градинки и основни училишта ќе одржат писателката Билјана С. Црвенковска и уметниците Доротеј Нешовски, Небуше Ајети и Наташа Костовска.