Македонија Новости Топ Вести

Ништо од амандманите ако не помине иницијативата за отворање на Уставот!

Доколку предлог-иницијативата не помине во Собранието, односно ако власта не го обезбеди потребното двотретинско мнозинство за отворање на Уставот, тогаш работната група воопшто нема да се впушти во подготовка на амандманите за промена на Преамбулата, со што завршува и мандатот на ова тело.

Пред работната група за измени на Уставот да ги разгледа – според планот тоа треба да се случи во петок – предлозите за нацрт-иницијативата за отворање на Уставот, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски веќе го „напиша“ и објави каков, според него, ќе биде амандманот за промена на Преамбулата. Од работната група велат дека ако не помине иницијативата за отворање на Уставот, тие нема да работат на подготовка на амандманите, односно дека тука ќе заврши нивниот мандат.

Мицкоски, повтори, по којзнае кој пат, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени и упати тешки, сериозни обвинувања дека власта преку уставните амандмани работи на редефинирање на Македонија и во нејзино претворање во бинационална држава на два народа.

Претседателката на работната група за промена на Уставот, Маргарита Цаца Николовска, вели дека на состанок во петок експертите и политичките претставници ќе разговараат за предлозите во врска со нацрт-иницијативата за отворање на Уставот. Таа повтори дека работната група е со одреден мандат од кој нема намера да излегува.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *