Хипнопедија
Научниците одамна пресметале-една третина од својот живот човекот го минува во спиење. Во просек. Инаку индивидуална е потребата од ноќниот одмор- на некои луѓе им се доволни шест часа, на некои осум, а некои пак, сметаат дека токму дванаесет часа им се потребни за оптимално да дејствуваат во наредните дванаесет часа. Сосем мал е процентот на оние големи умови како Ајнштајн, Њутн, Јунг и други, на кои им биле доволни, за повеќето од нас, неверојатно, но, вистинито-само четири часа спиење.
На современиот човек, на којшто му е наметнато и брзо темпо на живот и се поголеми обврски, без оглед на потребата од спиење и сон, таа ‘пасивна‘ состојба ја доживува како чисто губење време, како денгубење.
Но, спиењето не е сосема несвесна состојба, велат научниците. Еден облик на забележување е свесен и за време на спиењето. Тие секогаш будни места во свеста, на кои се должи нашата способност да не испаднеме од креветот додека се превртуваме в сон, рускиот физиолог Иван Павлов ги нарекол ‘стражарски центри‘. Токму на нивното постоење се должи и способноста на нашиот мозок да прима информации од надворешниот свет и во состојба на сон. А со самото тоа и да може конструктивно да го искористи времето поминато во спиење. Тоа, секако , не значи дека човекот спиејќи може да ги заврши обврските што не успеал да ги заврши во текот на денот, но може да ги искористи услугите на ‘стражарските центри‘ и да почне да учи странски јазик, на пример, и додека спие. Хипнопедијата е всушност токму тоа- метод на учење во сон.
И спиењето корисно искористено време
Првите експерименти на полето на хипнопедијата се направени за време на Првата светска војна и во нив, од наметнати причини, учествувале морнари кои морале и побргу и подобро да научат комплицирани звучни сигнали, а за тоа немале многу време додека биле будни. Резултатите од тие експерименти не биле објавени, а, всушност и условите во кои се одвивале не дозволувале ‘фаќање белешки.
Првиот забележан, документиран експеримент бил изведен во 1936 година на Ленинградската клиника и траел цели четири години. Тие експерименти ги изведувал докторот по медицински науки А.М. Свејдошч и резултатите од нив ги изнел во својата дисертација ‘‘Перципирање на говорот за време на природниот сон‘‘. Неговиот заклучок бил: хипнопедијата, учењето во состојба на сон е можна.
Независно од експериментите на Свејдошч, Леонид А. Близначенко од Киевскиот универзитет, ги започнал истражувањата во хипнопедијата во 1940 година. Тој основал специјална училница-спална, во која се учело ноќе и, се разбира, во состојба на сон. Во таа ‘лабораторија за спиење‘ на Близначенко резултатите биле извонредни. Неговите ученици спиеле добро, сонувале обични сонови, неповрзани со содржината на лекциите, се буделе свежи а лекциите кои им биле предавани додека спиеле, по будењето ги помнеле во целост. Притоа се дошло до сознание дека при учењето во сон нема разлика во примањето на нова материја, на нови податоци, кај постарите ученици, туку сите успешно учат, што не е секогаш случај во ‘будни услови’.
Истражувањата во поглед на можностите за учење во состојба на сон се вршеле и во Сад и во Франција а резултатите и заклучоците не се разидуваат со руските.
Учење без замор и напор
‘ Стражарските центри‘ на Иван Павлов одамна им биле познати на тибетанските свештеници и тие на заспаните млади монаси им читале текстови од светите книги со цел побргу и полесно да ги совладаат. Подоцна ова искуство забележано во тантричките списи, Свами Сатјананда Сарасвати го усовршил во систем кој се нарекува јога-нидра. Јога-нидрата, со еден збор, претставува состојба помеѓу спиењето и будноста, спиење со траги на свесност или будност која се каракеризира со длабока релаксација. Во модерната психологија тоа се нарекува хипнагогна состојба. Во таа состојба умот е особено приемчив за било какви информации, па така сугестиите и автосугестиите навлегуваат длабоко во потсвеста, што овозможува човекот успешно да се одвикне од несаканите навики или да ја подобри својата здравствена состојба итн. Но, и повеќе од тоа: да апсорбира големо количество на потребни и корисни податоци, со еден збор да учи, без замор и напор. За иноватор во образованието се смета бугарскиот психолог Георги Лозанов, кој користејќи ги сознанијата и на јога-нидрата, создал нов метод на учење наречен сугестопедија и го применил во Институтот за сугестопедија кој го основал во Софија. На тој Институт студентите учеле на сосема неконвенционален начин. Не спиеле, како во училницата -спална на Близначенко, но биле воведени во сосема отпуштена состојба (како при дремка, би се осмелиле да кажеме) преку вежби за дишење и пригодна музика. И научиле странски јазик за една петина од времето коешто е инаку потребно. Со методот на Георги Лозанов и на практичен начин е докажано дека во состојба на релаксација може да се развие извонредна способност за учење, а притоа да не се чувствува ниту замор, ниту напор, што не е случај при класичното учење кадешто се бара будна концентрација