Татјана Стојановска
Демократија – владеење на народот Честопати ќе прочитам некоја изјава од висина: двајца глупи надгласуваат еден паметен. Или: треба да се прави тест за интелегенција пред гласање па да се дозволи или не, да гласа. Има и доста други, каде основа некој да има став за нешто е негово образование, познавање на тема и слично. И сѐ ми се чини дека луѓето комплетно го изгубиле компасот во практикување на демократијата. Прво, ако се глупите побројни, со кое право паметен, “демократски” ќе им наметнува какво општество да градат? Второ, тестот за интелегенција може да користи за професионално издигнување и работа на соодветни движечки позиции. Ако избереме партија, тогаш можам и да прифатам дека поставувањето на клучни луѓе на позиција, партијата треба да го направи според нивната способност. Но изборот на владеачка партија да го прават само оние “самопрогласени” паметни? Историјата колку знам покажала дека и автократните уредувања не биле практикувани од најпаметните, напротив, многу често и од некои за психијатриско надгледување. Идејата на демократијата е дека мнозинството го бира правецот во кој сака да биде водено. Ако тоа му одговара на мнозинството, единствен начин да го преземеш водството е да го убедиш мнозинството дека твојот пат е исправен. Сѐ друго е тиранија. А во однос на имање став за сѐ и сешто: Која е намерата на потценувањето на другиот став? Не знае, глуп е, и? Ако му го наметнеш твојот, ќе стане попаметен? Не, таквите изјави само водат до формирање стадо со кое под превез на “јас знам, јас ќе ви кажам” се водат заведените по пат на еден кој си дава за право да каже дека знае. Потценувањето од типот, тој врска нема, а имал став, нема да ги промени нештата. Битно е секој да има став. И битно е да се дебатира за да се дојде до заедничко битисување. И секако, мнозинството е тоа што демократијата предвидува дека треба да надвладее. Џабе е секоја фрустрација за став на мнозинството, туку напротив , тоа треба да биде двигател да истиот се развие и добие позитивен правец. #размислувањанаеднаплавуша