Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ e рангиран на 1.990 место на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за 2023 година, според новото рангирање кое го објави Центарот за рангирање на светски универзитети.
Најголемиот македонски универзитет во споредба со минатата година забележа пад од 26 места на оваа листа која ги оценува академските перформанси на универзитетите низ светот.
УКИМ е единствениот македонски универзитет на листата со 66 бодови од вкупно 100. Во споредба со рангирањето за академската 2019-2020 година, каде УКИМ за првпат се појави на ова рангирање и беше 1.816-ти на листата, Универзитетот има назадувано за 174 позиции.
Од регионот, Грција има најголем број универзитети во најдобрите 2.000 – вкупно 12. Србија и Хрватска имаат по четири универзитети на листата, Словенија три, додека Бугарија има два.
УКИМ е далеку зад најголемите универзитети од земјите во окружувањето, но се наоѓа и зад дел од високообразовните институции од помалите градови низ поранешна Југославија. Универзитетот во Риека, на пример, е 1558-ми во светот, Универзитетот во Крагуевац (1605), Универзитетот во Ниш (1688), Универзитетот во Нова Горица (1885) или пак Универзитетот во Осиек кој е на 1925-то место.
Најдобро рангиран универзитет во светот за 2023 година според CWUR е американскиот Харвард со максимални 100 можни поени, а на првите пет места се уште и Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ), Универзитетот Стенфорд, како и двата британски универзитети Кембриџ и Оксфорд.