Порака од г-ѓа Одре Азуле,генерален директор на УНЕСКО,по повод Светскиот ден на книгата и авторското право
Книгите се едни од најневеројатните предмети кои постојат, а овој ден е посветен токму на нив.
Книгата, без оглед на нејзиниот формат, е суштинско средство за образование и извор на знаење. Со книгите учиме да читаме. И благодарение на нив, остануваме информирани, се забавуваме и сме способни да го разбереме светот.
Книгата е, исто така, исклучителен начин да се откријат светови и ликови кои инаку би било тешко да се сретнат – а уште потешко да се разберат. Книгите овозможуваат комуникација меѓу местата и времињата, а со тоа ни нудат интимен пристап до другоста и поттикнуваат меѓусебно почитување и разбирање меѓу поединците и културите. Со книгите, патот до Другиот започнува и повторно се враќа.
Сепак, за книгите да можат да го ослободат својот целосен потенцијал, од суштинско значење е тие да ја одразуваат извонредната лингвистичка разновидност на нашиот свет. Секој пишан јазик со себе носи посебен светоглед, посебна перспектива за нештата и суштествата, посебен начин на размислување и чувство. Објаснувајќи ја својата одлука да пишува на јазикот Кикују, големиот кениски писател Нгуги ва Тионг’о има кажано дека изборот на јазикот и целта за која се користи играат централна улога во тоа како се дефинира еден народ, не само во однос на природната и социјалната средина туку и во однос на целиот универзум.
Така, со цел да се зачуваат и интегритетот и различноста на културите и нивните изрази, минатата година Обединетите нации ја започнаа Меѓународната декада на домородните јазици (МДДЈ) (2022 – 2032). Целта на МДДЈ, предводена од УНЕСКО, е да ги промовира овие особено загрозени јазици и така да ги заштити правата и културите на домородните народи.
Овој приоритет особено се одразува во прекрасната работа што ја вршат Светските престолнини на книгата на УНЕСКО. Минатата година, на пример, во Гвадалахара, Мексико, се одржаа работилници за да се подучат луѓето за прашањата поврзани со јазичната разновидност. И во Акра, Гана, која денес станува Светска престолнина на книгата за 2023 година, оваа работа продолжува со изградба на културен центар кој ќе ги стави во центарот на вниманието читањето и пишувањето на јазикот Га.
Исто така, се залагаме да ја заштитиме и достапноста на литературата и нејзината јазична разновидност. Овој потфат е уште попотребен денес, со оглед на ризикот од хомогенизација што доаѓа со дигиталната технологија.
Затоа мора да промовираме дела од сите култури и на сите јазици онлајн, како и правично да ги наградуваме сите што се занимаваат со книжевната индустрија, почнувајќи, се разбира, од авторите. На крајот на краиштата, зад секоја книга се крие цел синџир знаење и вештини што довеле до нејзино создавање.
Потребна ни е оваа посветеност со цел литературата – како и целата култура воопшто – да стане вистинско „глобално јавно добро“, како што побараа земјите членки на УНЕСКО на конференцијата „МОНДИАКУЛТ 2022“ во Мексико.
На овој ден, УНЕСКО и сите негови партнери ве покануваат да ги славите читањето и културата, но и да се заложите за нивната поддршка.