ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА ВО ФЕВРУАР 33.720 ДЕНАРИ
Просекот на платите исплатени во февруари бил 50.486 денари во бруто и 33.720 денари во нето износ.
Индексот на просечната бруто-плата во однос на февруари 2022 година е 113.4, а кај нето-платата 113.0, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика.
Порастот кај просечните примања во бруто износ најмногу се должи на зголемената исплата по вработен во секторите градежништво со 21,9 проценти, информации и комуникации – 18,7 и објекти за сместување и сервисни дејности со храна со 17,1 насто.
Статистичките податоци забележале намалување на просечната месечна исплатена бруто-плата споредено со јануари во секторите транспорт и складирање за 9.9 отсто, рударство и вадење на камен 9,5 и дејности во врска со недвижен имот за 5,1 процент.
Во делот на исплатените февруарски нето-плати, појаснувањето од ДЗС вели дека растот пред се се должи на зголемувањето на месечниот просек во секторите градежништво за 21,3 проценти, информации и комуникации – 18,5 и објекти за сместување и сервисни дејности со храна – 16,5 проценти.
Намалување, пак, во однос на јануари има во секторите транспорт и складирање со 9,7 отсто, рударство и вадење на камен 9,2 и дејности во врска со недвижен имот за 6,1 процент.
Од друга страна, пресметките покажуваат дека за намирување на основните животни потреби во февруари биле потребни 1,5 нето-плата, секако, просечна. Кошницата што ја мери ССМ тогаш тежела 50.909 денари, а најголемиот дел од 19.379 денари се потрошиле за храна и пијалаци, 13.306 за комунални трошоци, за превоз минимум 3.679, за хигиенски производи – 3.154 денари.