Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вчера изјави дека нема да се дозволи влез на Бугарите во Уставот како дел од ваквата, актуелната Преамбула на Уставот. Тој посочи дека во делот на формирањето на работните групи се прави целосно кршење на правото и Уставот.
„Уставот е јасен, прво треба да имате одлука на Собранието со две третини за промена на Уставот, па се формира уставна комисија во рамки на Собранието, а не работна група, која подготвува нацрт промени кои поминуваат со 61 пратеник и тој текст потоа оди на јавна дебата и на крај поминува со две третини. Од власта не сакаат да ја почитуваат процедурата и се тераат наопаку и во такви измислени работни групи ние нема да учествуваме ни од правни ни од политички причини“, рече Николоски.
Потпретседателот Николоски посочи дека партијата даде предлози. Прв, да се оди на брзи предвремени избори и да се направи консензус по национален, политички и економски столб и врз чии основи ќе се оди кон преговори со ЕУ. Второ, тој посочи дека партијата понуди хрватски модел спомнат од самата Влада.
„И кога рековме ајде да ја препишеме хрватската преамбула, власта рече дека не сака да ја препише. Зошто? Бидејќи доколку се прифати нашиот предлог национална држава на Македонците и малцинствата кои живеат во неа ќе биде јасно каква држава е Македонија. Доколку се прифати предлогот на СДСМ и ДУИ Македонците ќе бидат израмнети со Бугарите, бидејќи сега малцинствата се како дел од народи, тоа е спротивно на историјата и реалноста и паѓаат во вода одлуките на АСНОМ, формирањето на македонската држава“, објасни Николоски.