Во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија вчера
беше промовирана книгата на познатиот македонски писател, драматург, актер и
педагог Рефет Абази, „Чиј беше Јон“ во превод на бугарски јазик.
На презентацијата, на која меѓу останатите присуствуваше и нашата амбасадорка
во Бугарија, Агнеса Руси-Поповска, се обратија директорот на македонскиот
Културно-информативен центар во Софија Сашко Насев, Красимира Цонева, која
е преведувач и издавач на литературното дело, како и авторот Рефет Абази.
Абази , како што информираат од КИЦ Софија, истакнал дека оваа негова книга
претставува обид преку неа да го извлече сето она што е напластено во него.
Според Абази наскоро „Чиј беше Јон“ ќе биде објавена и на турски јазик и
промовирана во Истанбул.