Македонија Новости Топ Вести

На рочиштето за пожарот во модуларната болница зборуваа сведоци на одбраната

На судското рочиште за пожарот во Модуларната болница во Тетово, сведочеа три лица предложени од одбраната. Двајца од сведоците биле чувари во тетовската болница, а една лекарка, кој работела во Модуларната болница од отворањето до трагедијата. Докторката рече дека не се сеќава дали имало противпожарни апарати во Модуларната болница.

„Не ми беше приоритет да видам дали има противпожарни апарати и не се сеќавам дали имало или не. Таа вечер кога се случи трагедијата дадов исказ во суд, не се сеќавам дали дадов исказ за некој обвинител. Модуларната болница немаше одговорно лице, туку одговорен беше медицинскиот персонал кој беше на смена“, рече Ерселе Треси, сведок.

Во меѓувреме, други двајца сведоци вработени како чувари во тетовската болница рекоа дека виделе противпожарни апарати.

“Во текот на денот се случувало 4-5 пати да влезам во модуларната болница и јас лично видов противпожарни апарати. Мислам дека имаше три ПП апарати. Видов еден во чекалната, еден во собата на медицинските сестри и еден во магацинот. Не, таму каде лежеа пациенти не видов противпожарен апарат. На главната врата имаше натпис „Забранет влез“. Вратата беше заклучена со клуч“, рече Башким Ибрахими, сведок.

„Во тетовската болница работам од 2015 година. Влегував внатре во модуларната по потреба по 5-6 пати на ден од денот кога беше отворена се до пожарот. Во горниот дел од модуларната мислам дека видов противпожарен апарат, а на влезната врата пишуваше „Влезот е забранет за цивили“, рече Исмаил Сејрани, сведок.

Од судот соопштија дека следното рочиште е закажано за 25 април, кога ќе се кажат завршните зборови, а потоа ќе биде изречена пресудата. Во овој случај обвинети се поранешните директори на болницата Флорин Бесими и Артан Етеми и лекарот Бобан Вучевски.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *