Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, и лидерот ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе имаат тет-а-тет разговор за техничката влада пред изборите, но средбата нема да биде најавена за медиумите, ниту тие ќе може да се надеваат на изјави веднаш по средбата.
Како што рече Ковачевски, лидерската средба ќе се одржи откако претходно за тоа ќе решат партиските органи на СДСМ.
„Ќе биде еден нормален разговор за реализација на тоа што е определено, согласно законот, односно распределба на ресорите во техничката Влада, изгласувањето на таа техничка Влада во Собрание“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето на обновениот пат Битола-Меџитлија.
На лидерска средба во Собранието на 4 декември беше договорено да се одржат избори за претседател на земјата и за идниот парламентарен состав.