Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски вчера на прес конференција обвини дека Министерството за труд и социјална политика одновно му ги одзело ингеренциите за детската градинка „Ангел Шајче“.
Според Димитриевски, ова е вршење притисок на локалната самоуправа од министерството и министерката Јованка Тренчевска, да се изнуди ново решение за директор.
– Со тоа недвосмислено се обидува во нетранспарентна постапка вршјќи притисок на локалната самоуправа да се изнуди ново решение за директор кое евентуално би било избрано по партиски клуч и остава простор за таков избор со еднострано поставување од нивна страна, спротивно на законот и заложбите според уставот за децентрализација на власта во државата, рече Димитриевски.
Димитриевски вели дека на 29ти март, без претходно извршен инспекциски надзор, добил укажување со кое му било посочено во рок од еден ден, да отпочне постапка за јавен оглас за избор на директор во ЈОУ „Ангел Шајче“.
– Во експресно брзата псотапка повеќе од јасно е дека со ваквите постапки од страна на ресорното министерство и владата се врши притисок врз градоначалникот и локалната самоуправа за избор на директор и во оваа јавна установа по втор пат се одземаат ингеренции во истата институција при што на ваков начин се врши целосна централизација на власта, а се суспендира директно локалната власт, вели градоначалникот.
Димитриевски упати прашања до министерката Тренчевска, премиерот Ковачевски и СДСМ дали се подготвуваат да постават партиски директор на институцијата.
– Првично, прашање директно поставено до ресорната министерка. Дали ова е повторен обид за наметнување на кадрово решение за иден директор во јавната установа од редовите на политичка партија, т.е врвна активистка и носителка на повеќе партиски функции во мојата поранешна партија СДСМ? Дали е ова обид за прикривање на дводецениското неуспешно работење и директорување на актуелната директорка на оваа јавна институција? Воедно, сакам да поставам прашање директно до премиерот Ковачевски и Владата, дали стои зад вакви незаконски, централистички и недемократски одлуки со кои се врши директен притисок на работењето на локалната самоуправа и нејзина целосна суспензија во делот на менаџирање и управување со ресурсите и оваа јавно општинска установа. И директно, прашање до мојата поранешна партија и раководството на истата, дали како политичка партија заедно со сите функционери коишто доаѓаат од нејзините редови, а потекнуваат од Куманово на овој начин всушност СДСМ се одолжува на Куманово, бидејќи на сите претходни настани и митинзи на голема врата одеше слоганот „Македонија му должи на Куманово и Македонија еден ден ќе му се одолжи на Куманово“, потенцираше Димитриевски на денешната прес конференција.
Според кумановскиот градоначалник, ова е обид за ставање на целосна контрола на градот и, како што додава, еден вид на воведување на нови стандарди неприфатливи во политиката, „а тоа е реваншизам кон граѓаните коишто се одлучиле на последните избори да бидат независни и да ја дадат својата поддршка таму кадешто сметаат, а не таму кадешто е изнудено“.
Инаку ова е втор пат МТСП да му ги одзеде ингеренциите на кумановскиот градоначалник. Прв пат тоа беше кога се обиде да ја смени актуелната директорка Марина Алексовска од функцијата, која сега заминува во пензија.