Синови сопруги и ќерки на политичари, судии и обвинители си ги добија дипломите – медиумите не беа поканети
Академијата за судии и јавни обвинители во големата сала во Врховниот суд свечено им ги додели дипломите на синовите, ќерките, сопругите на актуелни и поранешни политичари, судии и обвинители кои го положија завршниот испит и ќе станат дел од правосудниот систем.
Дипломите ги зедоа и идните обвинители, синот на собранискиот спикер, Талат Џафери, Албулена Абази, сопругата на актуелниот раководител на Обвинителството за гонење на организиран криминал, Ислам Абази, сопругата на градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски која ќе стане судијка и уште над педесет слушатели на Академијата чии имиња се поврзуваа со лица од политиката и правосудството.
Додека синот Јетмир Беџети дипломираше, неговиот татко, судија во Апелацискиот суд, Енвер Беџети, сепак не ја доби потребната поддршка и не напредуваше во Судскиот совет.
Сепак медиумите не добија покана за свеченоста, со исклучок на државната агенција МИА. На медиумите кои случајно дознале за настанот, директорката на Академијата, Наташа Габер – Дамјановска им изјави дека процениле дека нема доволно место за сите медиуми, биле претплатени на МИА и агенцијата при известувањето ниту додавала, ниту одземала.
Но, не одговори конкретно дали можеби медиумите не биле поканети за да не им поставуваат прашања на кандидатите кои со месеци беа во фокусот на јавноста.
Најмногу внимание предизвика синот на Џафери, за кого Антикорупциска утврди дека положил правосуден испит пред да се стекне со диплома со соодветен степен на образование.
Дамјановска во своето обраќање на кандидатите им порача дека треба да му служат и да го штитат јавниот интерес и дека треба да се водат според правните принципи, а не според личната пристрасност или мислење.
– Никогаш да не ги компромитирате општествените вредности или посветеноста кон правдата, дури и кога се соочувате со тешки одлуки или кога трпите притисок од надворешни сили. Истовремено, вашите одлуки имаат длабоко влијание врз човечките животи, па затоа е важно да им пристапувате човечки, со емпатија, непристрасност и да бидете фер. Ве охрабрувам да негувате моќна и ефикасна соработка со другите институции во судскиот и правниот систем. Почитувајте ги и оние кои се хиерархиски над вас, но и под вас, порача Габер – Дамјановска.
Од вкупно 58 слушатели на седмата генерација на Академијата на судии и јавни обвинители, 30 положија за судии, а 28 за обвинители. Синот на Џафери конкурираше за обвинителството во Гостивар, сопругата на Абази за обвинител во Кичево.
Денеска пак Судскиот совет донесе одлука за избор на вкупно 31 судија низ повеќе основни судови низ внатрешноста на државата, без Скопје.
Па така, 30 кандидати од седмата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители ќе може да конкурираат за шест места во Основниот суд Прилеп, за четири места во судот во Струга, по три во судот во Битола и во Кичево, по две во судовите во Крушево, Охрид, Тетово, Делчево, Радовиш и Берово, како и за по едно место во судовите во Куманово, Струмица и во Свети Николе. И оние кои завршија за обвинители, ќе треба да работат во обвинителствата во внатрешноста