Македонија Новости Топ Вести

Јовески: Го чекаме обдукцискиот наод за смртта на 6-годишната Јана во Битола

Фокусирани сме на обезбедување на сите докази и расветлување на случајот со починатото малолетно девојче во битолската болница, но сè уште не сме ги добиле резултатите од обдукцијата, изјави јавниот обвинител, Љубомир Јовески.

„Јавниот обвинител од Битола ги презема потребните мерки и обезбедува докази во врска со смртта на девојчето. Јавното обвинителство работи на прибирање на други докази од повеќе лица, кои може да помогнат во расветлување на случајот“, изјави Јовески.

Смртта на 6-годишното девојче беше причина за вчерашните протести во Битола и во Скопје на кои граѓаните побараа правда за Јана, но изразија незадоволство и од состојбите во македонското здравство.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во Клиничката болница во Битола, каде што почина петгодишната Јана Христовска. Притоа било констатирано дека на девојчето му била дадена гликоза, заедно со физиолошкиот раствор, но тоа не е констатирано како грешка на педијатрите што го третирале девојчето.

Малата Јана почина минатата среда, откако родителите ја однесоа на преглед на детското одделение во Битолската болница со симптоми на блага настинка. Тие се сомневаат во лекарска грешка, затоа што состојбата на Јана нагло се влошила додека примала инфузја со гликоза, по што шеќерот во крвта се покачи од 9 на 19 единици и девојчето западна во кома и почина. Дали постои лекарска грешка, одлука ќе донесе обвинителството, врз основа на целокупната медицинска документација и обдукцискиот наод.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *