Свет Став Топ Вести

Трамп е победник на републиканските прелиминарни избори во Њу Хемпшир

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп победи на републиканските прелиминарни избори во Њу Хемпшир, оставајќи ги зад себе поранешниот американски амбасадор во Обединетите нации и поранешна гувернерка на Јужна Каролина Ники Хејли.

Трамп освои 54,5 отсто од гласовите, со што освои 11 електори, додека Хејли освои 43,6 отсто од гласовите и освои осум електори, врз основа на речиси 90 отсто од обработените гласачки ливчиња, пренесува „Гардијан“.

Овој исход од прелиминарните избори во Њу Хемпшир, по неговата победа во пратеничката група во Ајова минатата недела, сугерира дека Трамп по трет пат ќе биде кандидат на Републиканската партија на претседателските избори и дека најверојатно ќе се соочи со претседателот на САД и најверојатен кандидат на Демократската партија по втор пат во ноември, Џозеф Бајден.

Трамп им се обрати на своите поддржувачи во Нашуа, зборувајќи и за резултатите на Ники Хејли.

„Таа не победи, таа загуби. Таа имаше многу лоша вечер. Таа беше трета во Ајова“, рече Трамп.

Од друга страна, Хејли рече дека и покрај поразот во Њу Хемпшир, ќе продолжи со кампањата за следните прелиминарни избори на Републиканската партија, кои се одржуваат во Јужна Каролина, државата во која таа беше гувернер.

„Приминалните избори во Њу Хемпшир беа први во земјата, но не беа последени. Трката е далеку од завршена. Остануваат уште десетици држави, а следната на ред е мојата Јужна Каролина“, рече Хејли.

Анкетите покажуваат дека Трамп има значително водство во Јужна Каролина.

„Гардијан“ потсетува дека Ники Хејли останува последната противкандидатка на Трамп за републиканската номинација, откако гувернерот на Флорида Рон Де Сантис се повлече од изборната трка.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *