Правната клиника на Правниот факултет при УГД доби нови простории. Тука студентите ќе добиваат практична настава, а граѓаните можност за бесплатна правна помош.
„Правната клиника е регистрирана согласно законот за бесплатна правна помош од Министерството за правда, кадешто имаме обврска да помагаме на социјално загрозени категории на лица во однос на правните прашања а оние коишто имаат потреба како баратели на бесплатна правна помош,“ образложи професорката на Правен факултет, Милица Шутова.
Според Гоце Коцевски, национален соработник во Советот на Европа, самото постоење на правната клиника и можноста додека студирате право да се запознаете со лицата на кои им треба правна помош, многу ќе значи во развивањето на практичните вештини за студентите.
„Значително ќе им помогне на студентите во развивањето на практични вештини кои без стручна работа не можат да се стекнат. Сите лица имаат правно на правна помош, да добијат информации а доколку лицата имаат потреба од застапување тогаш може да се побара бесплатна правна помош во која ќе се одреди адвокат, додава Коцевски.
Во активностите околу бесплатната правна помош во Правната клиника, ќе бидат вклучени студентите од втора и трета година на Правниот факултет.
Освен Правната клиника којашто ќе функционира во простории на некогашниот Универзитетски ресторан, денес во рамките на одбележувањето на 16 годишнината од постоењето на УГД , беа презентирани електронските туристички рути на Факултетот за туризам и бизнис логистика, Изложба на Ликовната академија, презентација имаше Технолошко-техничкиот факултет, сето тоа придружувана со одличната изведба музичка изведба на Џез одделот на Музичката академија.